„Од тука тој зема плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците е избран за претседател на македонското собрание“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада
Јас не сум ја слушнал изјавата на Африм Гаши. Мислам дека неговата татковина е Македонија. Од тоа што јас сум го разговарал со Гаши, сум слушнал лично од него дека наша заедничка татковина е нашата заедничка Македонија. Ако дал таква изјава, треба да им се извини на граѓаните на Македонија.
Ова денеска по добивањето на мандатот од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во вилата „Водно“ го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за состав на нова влада, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира изјавата на претседателот на Собранието, Африм Гаши и член на коалицијата „Вреди“, кој во интервју за националната телевизија Радио-телевизија Косово, а како што пренесува ТВ 21, изјавил дека неговата татковина е Косово.

„Ако навистина дал таква изјава, треба да им се извини на граѓаните на Македонија. И тоа треба час поскоро да го направи. Од тука тој зима плата и од страна на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Бошњаците е избран за претседател на македонското собрание“,
рече Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Гаши во интервју за косовската телевизија, одговарајќи на прашањето колку е запознаен со случувањата во Косово, зборувал за историјата на неговото семејство, кое, како што рекол, во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје.
Гаши потенцирал дека тој е роден во Скопје, но оти неговите предци имаат потекло од Косово.
„Во 50-тите години дедо ми работел во Скопје и поради технички причини со нефункционален транспорт купил мал дом во центарот на Скопје. Тогаш и го донел семејството во Скопје. По големиот земјотрес во 1963 година се вратиле во татковината за кратко време, на неколку месеци, а потоа повторно се преселиле во Скопје. Оттогаш дедо ми, чичковците, тетките живеат во Скопје, додека двајцата братучеди на татко ми продолжиле да живеат во Качаник. Јас сум роден во Скопје“,
вели Гаши во интервјуто за косовската телевизија.
Според него, до 1990-тата година немало никакви разлики, но потоа, како што посочил, биле воспоставени административните граници меѓу земјите од поранешна Југославија.
„Оние кои се родени после 90-91 година веројатно го немаат тоа чувство, но за мене тоа е исто како да кажам дека Косово ми е татковина. Тоа е земјата на моите родители. Сочувствувам со сè што се случува на Косово. Нема политички, економски, општествен процес што не го следам со големо внимание, исто како да сум од таму“,
рече Гаши.
Африм Гаши на 28 мај беше избран за претседател на Собранието, а за него гласаа 76 пратеници „за“ од присутните 82, „против“ беа шестмина, а воздржани немаше.
За функцијата спикер на законодавниот дом Гаши беше предложен со потписи од 75 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата „Вреди“ и Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.