„Тоа ни се случи во 2021 година, кога тогаш се сметаше дека само со повлекувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно е дека требало посериозна реформа и подлабински промени да бидат направени. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна, и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, изјави Петровска
Причините за изборните порази на СДСМ во 2021 г. на тогашните локални избори и на последните парламентарни и претседателски лежат во разлојувањето на членството и не надминатите внатрепартиски пропусти во меѓувреме. Ова денеска го изјави ексминистерката за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска по поднесувањето на кандидатурата за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во партиското седиште.

Излезот од ваквата состојба во која се најде СДСМ, Петровска како кандидат за највисоката функција во партијата ја нуди во нејзината програма наречена „Манифест за социјадемократијата“, со која ќе ја бара довербата на членството.
„Денеска после 24 години активно членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), врз основа на повикот за самокандидирање, ја имав таа чест и привилегија да ја поднесам кандидатурата за претседателка на СДСМ и заедно со пријавата секако го поднесов и ‘Манифестот за социјалдмократијата’. Тоа е мојата програма во која што се осврнувам на тоа што треба да бидат итни приоритети на новото раководство на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија по големиот пораз којшто го доживеавме на овие избори“,
изјави Петровска пред седиштето на партијата.
Осврнувајќи се на последниот изборен пораз, Петровска рече дека СДСМ и во минатото доживувал порази, како и победи, но овој пат вели ситуацијата е специфична, особено, како што рече, имајќи ги предвид и политичките околности во државата, додавајќи дека на ниту една држава, особено на Република Северна Македонија не ѝ треба слаба опозиција или никаква опозиција.
„Затоа сериозен предизвик е, пред сè и над сè, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да се исправи да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и што е најважно да биде цврста и силна опозиција, за да можеме на таков начин да го гарантираме и патот на Република Северна Македонија“,
рече Петровска.
Доколку биде избрана за претседателка на СДСМ, таа посочи дека пред сè ќе биде потребно консолидирање на внатрешни редови, согласно критериумите и принципите на социјадемократијата.
„Во оној период многу кус којшто е пред нас, затоа што очекувам и дека новата влада ќе има набиена динамика, ќе треба пред сè да ги консолидираме внатрешните редови. Во дел од програмата набројувам и итни приоритети кои ќе трба да ги направиме, а кои ќе се однесуваат и на избор на ново раководство, согласно критериуми и принципи кои ќе бидат одлика на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Иако, како што реков доживеавме пораз убедена сум дека социјалдемократијата и идејата за социјадемократијата е жива, исто како што е жива и вербата и надежта дека СДСМ повторно ќе се исправи и повторно ќе победи“,
изјави кандидатката за претседател на СДСМ.
На прашањето како планира да го консолидира членството со оглед на големото незадоволство по изборните резултати, Петровска рече дека ниту една причина за овој пораз не смее да остане скриена и да биде оставена да лебди, како што тоа се случило по поразот на локалните избори во 2021 година.
„Тоа ни се случи во 2021 година, кога тогаш се сметаше дека само со повлекувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очигледно е дека требало посериозна реформа и подлабински промени да бидат направени. Мислам дека овој пат таа лекција е научена, барем од моја страна и токму затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“,
изјави Петровска.
За тоа дали има поддршка од поранешни и актуелни функционери кои стојат зад нејзината кандидатура, таа рече оти не сака да ги злоупотребува нивните имиња, но секако дека побарала совет од поискусни и помудри, а тоа што ја поднесува кандидатурата очигледно говори дека сигналите кои ги добила биле позитивни.
„Не би ги злоупотребувала нивните имиња затоа што сметам дека ако тие ценат дека треба јавно да ме поддржат можат тоа да го направат“,
додаде таа.

Прашана во врска со иницијативата што неодамна ја изнесе еден од условно кажано нејзините противкандидати во трката за лидер на СДСМ, Јован Деспотовски, за тоа секој од нив да потпише изјава со која ќе се обврзе дека оние што ќе изгубат ќе се откажат од сите партиски функции, Петровска денеска излезе со поинаков став од нејзината тогашна реакција.
Вели дека смета оти не треба да се потпише таква изјава, затоа што не станува збор за натпревар за државни функции.
„Јас го кажав веднаш мојот став, а тоа е дека, и тоа беше веројатно врз основа на шпекулации кои внатре во нашите партиски кругови се појавија за евентуални договарања, пазарења итн. Од тие причини не сакав да оставам сомнеж дека учествувам во било какви однапред договарања и затоа реков дека немам никаков проблем таква изјава да потпишам, меѓутоа се разбира додадов уште некои два не би нарекла услови, туку две сугестии за тоа што една таква ајде да не ја наречам изјава повеќе декларација би требало сите ние да потпишеме. Не добив одговор за тоа, но нејсе. Дали сметам вистински, не популистички дека треба да се потпише таква изјава, не, затоа што ние не се натпреваруваме за државни функции, за тоа дека некој е власт, некој опозиција. Ако зборуваме дека имаме научени лекции од поразите на СДСМ, па и од тој во 2021 г., а и овој сега за жал, тогаш ќе видиме дека една од причините за тие порази и тогаш и сега е раслојувањето на членството, одлевањето на членството. Ако и понатаму продолжиме со дистанцирање на едни од други тогаш нема да го постигнеме тоа за кое сите ние зборуваме“,
изјави Петровска.
Во однос на обединувањето членството, таа рече дека тоа треба да се направи со отворање на дискусии внатре во партијата кои, што како што кажа отсуствувале изминатиот период, поради зафатеноста на раководството на партијата со исполнување на владината агенда и носењето на стратегиски важни одлуки.
„Некако во втор план се ставија партиските дебати внатре. Јас на почетокот споменав дека 24 години сум член на СДСМ и како младинец и подоцна ги паметам долгите дебати кои ги имавме и во месните и во општинските организации…Органите на партијата мора многу често да заседаваат без разлика дали сме власт или опозиција. Вистинската дебата треба да биде таму, а не на социјалните мрежи или на било кои други јавни медиуми, да биде во рамките на органите на партијата и да биде ако треба и долга и мачна, меѓутоа на крај да има еден заклучок околу кој сите ќе се обединиме“,
подвлече Петровска.
Претходно утрово својата кандидатура за претседател на СДСМ во седиштето на партијата ја поднесен ексминистерот за здравство и актуелен пратеник од редовите на СДСМ, Венко Филипче.