Според најавите, попладне треба да се одржи нов круг гласање на кој секој уставен судија може да предложи свој кандидат за функцијата претседател
Судијката Ана Павловска-Данева се повлече од трката за претседател на Уставниот суд, потврдија претпладнево од Судот. Сепак, и покрај оваа нова околност, која доаѓа по викенд-паузата, нејзината, условно кажано, противкандидатка Татјана Васиќ-Босаџиева, повторно не успеала да го добие потребното мнозинство гласови за да биде избрана на чело на Уставниот суд.

Имено, според информациите од Уставен, во денешниот прв круг од гласањето како единствен кандидат за функцијата претседател била предложена само Васиќ-Бозаџиева.
Сепак, по гласањето, таа повторно го немала потребното двотретинско мнозинство, односно за неа не гласале најмалку шест од вкупно деветтемина судии кои го сочинуваат Уставниот суд.
Според најавите, попладне треба да се одржи нов круг гласање на кој секој уставен судија може да предложи свој кандидат за функцијата претседател.
Инаку, гласањето претпладнево е седмо по ред откако минатата недела во четвртокот и петокот пропаднаа претходните шест обиди на членовите на Уставниот суд да изберат наследник на Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат како претседател истече вчера (2 јуни).
Сите шест обиди минатата недела завршија со идентичен сооднос на гласовите, односно пет гласа доби Васиќ-Бозаџиева, додека предлогот на претседателското столче да седне Павловска Данева го поддржаа четворица нејзини колеги.
Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање.
Имајќи предвид дека Кацарска нема право на реизбор, Павловска-Данева се повлекла од трката, а Васиќ-Бозаџиева не може да го добие потребното мнозинство, други судии од кои некој ќе може да ја преземе функцијата се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ-Анастасовска.
Изборот на претседател на Уставниот суд се врши согласно член 7 од Деловникот за работа на Судот.
„Уставниот суд на седница избира претседател на Уставниот суд од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува“,
соопштија минатата недела од Уставен пред почетокот на седницата за избор на претседател.