Зијадин Села се обидува да изгради алиби пред своите зашто ја утна страната и наместо да биде победник остана со губитниците, велат од коалицијата „Вреди“ откако денеска од Алијанса за Албанците (АА) рекоа дека по првпат Албанците ќе водат само четири министерства во најавената влада од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“.

„Броењето ресори со кои раководат Албанци е концепт што не донесе ништо добро за нашата кауза. Напротив, благодарение на политичката корупција на режимот на ДУИ, чии функционери ги гледаа ресорите како алатки за богатење наместо да бидат сервис на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои 58 пратеници и преговара од позиција на апсолутен победник во македонскиот политички блок“,
велат од „Вреди“.
Додаваат дека „Вреди“ добива важна политичка позиција во новата влада и дека ќе обезбедат сигурна иднина за албанскиот народ.
„Ќе го води Собранието на РС Македонија и шест министерски ресори, а има и целосен легитимитет од Албанците. Времето на национални понижувања заради задоволување лични амбиции и суети завршува. Кој разбере сега добро, кој нема да разбере ќе му се појасни на локалните избори кога ќе излезе на мегдан пред гласачите без злоупотреби на институциите на извршната власт“,
додаваат од „Влен“.
Претходно денеска од АА преку партиско соопштение предупредија дека ќе има „политичко-институционално егзекутирање на Албанците во Северна Македонија“ со тоа што во новата влада само четири министерства ќе ги водат министри Албанци.