Од Алијанса за Албанците велат дека се случува по прв пат Албанците да водат само четири министерства во најавената влада од ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, и тоа четири од 16 министерства, а ситуацијата ќе биде уште полоша бидејќи, како што наведуваат од АА, ќе се носат законски измени за да бидат четири министерства за Албанците од 19 ресори

Алијанса за Албанците денеска, преку партиско соопштение, предупредува дека ќе има „политичко-институционално егзекутирање на Албанците во Северна Македонија“ со тоа што во новата влада само четири министерства ќе ги водат министри Албанци.
„Во текот на овие три децении, Албанците воделе најмалку пет од 15 министерства, потоа шест од 15 ресори и на крајот осум од 16 министерства, без да се споменуваат министрите без ресор и вицепремиери. Се случува за прв пат Албанците да водат само четири министерства во најавената влада од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, и тоа четири од 16 министерства“,
се наведува во соопштението од Алијанса на Албанците (АА) предводена од Зијадин Села.
Според нив, ситуацијата ќе биде уште полоша бидејќи, како што наведуваат, ќе се носат законски измени за да бидат четири министерства за Албанците од 19 ресори.
„Нема ресор Министерство за интеграции – не постои. Нема ресор Министерство за политики за добро владеење – не постои. Ќе има двајца министри без ресор, кои ќе имаат околу пет вработени, еден возач и еден фотограф“,
велат од АА.
Деновиве во завршна фаза се преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ за формирање на заедничка влада.
Според анализата на „360 степени“, 24 фотелји ќе бидат потребни за седниците на новата влада чие составување се ближи кон финиш. Главното место ќе биде за идниот премиер. Во 20 фотелји ќе седнат новите министри кои ќе предводат конкретен ресор. Трите преостанати места се за министрите кои ќе немаат ресор. Така ќе изгледа првата влада на Христијан Мицкоски – со 20 министри со ресор и тројца без ресор.
Во распределбата на министерските позиции, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, како победничка на парламентарните избори, добива најмногу – 13 ресори. На нејзино конто одат клучните места поврзани со безбедноста и надворешната политика – Министерството за внатрешни работи.
„Вреди“, како коалиција ќе „прокнижи“ пет ресори. Едниот е Животна средина каде во министерска фотелја се очекува да седне лидерот на Демократско движење Изет Меџити, кој би бил и вицепремиер.
Потоа Здравство – со кое ќе раководи гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари, Социјална политика е ресорот за кој како можен министер се спомнува Фатмир Лимани од Беса, поранешен заменик-директор на ЕЛЕМ, во времето кога прв човек таму беше Христијан Мицкоски.. Со новото Министерство за европски прашања, досегашен секретаријат, според партиски извори, можно е да шефува Адмирим Алити, кадар на Алтернатива, кој едно време беше министер за информатичко општество и администрација. За Министертвото за економија и труд се спомнува Бесар Дурмиши, актуелен претседател на Советот на Општина Тетово од редовите на Беса. Како можна министерка без ресор, која би ги покривала темите за добро владеење и отчетност, во игра е Бујаре Абази од крилото на Таравари, која своевремено беше и заменичка на скопската градоначалничка.
За в понеделник е најавено дека група пратеници од новото владејачко мнозинство се очекува да ги поднесат законските измени во Собранието преку кои се планира формирање нови и трансформација на постоечките министерства.
Претседателот на Собранието Африм Гаши пред два дена најави дека на првата седница што ќе ja закаже, уште пред формирањето на Владата, ќе се најдат измени на системските закони за да се овозможи формирање нови и трансформација на постоечките министерства.