Првичните резултатите на словенечкото национално истражување за раширеноста на новиот коронавирус, покажуваат дека секој триесетти граѓанин бил заразен со вирусот.
Според портпаролот на владата Јелко Кацин, од направени 1 386 тестирања на граѓани по случаен избор, 41 биле позитивни, односно кај нив биле пронајдени антитела на вирусот, а речиси сите биле без никакви симптоми.
„Овие резултати покажуваат дека е многу мал бројот на лицата што имаат создадено имунитет на коронавирусот. Тоа значи и дека не е сѐ поминато и дека треба вистински да се подготвиме на вториот бран на заразата“,
изјави Кацин, пренесе МИА.
Сите детали од истражувањето ќе бидат објавени на специјална прес-конференција, а надлежните информираат дека државата продолжува со интензивна набавка на заштитна и медицинска опрема.