Русија постојано повикува на преговори под услов Киев и Западот да ги признаат нејзините територијални придобивки во Украина. Киев ги отфрли тие предлози
Кина може да организира мировна конференција на која ќе учествуваат Русија и Украина, изјави во четвртокот рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, пренесе новинската агенција РИА.
Лавров рече дека таквиот потег ќе биде продолжение на напорите на Пекинг за решавање на украинската криза.
„Ние го делиме ставот (кинески) дека треба првенствено да се решаваат основните причини за конфликтот и да се заштитат правните интереси на сите страни, со последователни договори засновани на принципот на еднаква и неделива безбедност. Да нагласам уште еднаш, тоа подразбира почитување на реалноста на теренот, која ја одразува волјата на луѓето кои живеат таму“,
рече Лавров во изјава за агенцијата.
Русија постојано повикува на преговори под услов Киев и Западот да ги признаат нејзините територијални придобивки во Украина. Киев ги отфрли тие предлози.
Лавров ги критикуваше САД дека ѝ помагаат на Украина, велејќи дека Вашингтон станал „соучесник во злосторствата на режимот во Киев“.
Тој исто така рече дека Русија ја смета планираната испорака на борбени авиони Ф-16 со нуклеарно вооружување на Украина за „сигнална акција“ на НАТО.
„Тие се обидуваат да ни кажат дека САД и НАТО нема да запрат пред ништо во Украина. Сепак, се надеваме дека тековните руско-белоруски вежби за употреба на нестратегиско нуклеарно оружје малку ќе ги вразумат нашите противници потсетувајќи ги на катастрофалните последици од понатамошната нуклеарна ескалација“,
рече Лавров.
На Блискиот Исток, додаде тој, САД исто така „го разгоруваат пламенот на конфликтот“.