По разгледувањето на целиот избирачки материјал, претседателот на ДИК Александар Даштевски, рече дека се утврдило потполна иста состојба како што е во записникот и предложи да се одбие приговорот како неоснован
Државната изборна комисија (ДИК) на седницата која се одржа попладнево, не го прифати приговорот од коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ за прегласувањето на изборното место 2101 во село Ларце во Општина Желино. На одлуката од ДИК кандидатите имаат право на тужба до Управниот суд кој, пак треба да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбата.
Овластениот претставник на „Европски фронт“, адвокат Ана Жаревска од канцеларијата на адвокат Мефаил Арслани истакна дека приговорот се однесува на повреди на постапката за гласање, како и за постапката за утврдување и сумирање на резултатите.
„Приговорот за заштита на избирачко право на подносители на листи од страна на коалицијата ‘Европски фронт’ се однесува за избирачкото место 2101 за општина Желино. Се однесува на повреди на постапката за гласање, како и за постапката за утврдување и сумирање на резултатите, поточно не се почитувани одредбите од член 151 став 1 алинеја 1, 2, 6 и 7 од Изборниот законик. Образложенијата во поглед на повредите се дадени во самиот писмен приговор. Поради сите наведени причини предлагам ДИК да го отвори во целост и да го прегледа изборниот материјал и да го уважи приговорот и да го поништи гласањето“,
рече Жаревска.
По разгледувањето на целиот избирачки материјал, претседателот на ДИК Александар Даштевски, рече дека се утврдило потполна иста состојба како што е во записникот и предложи да се одбие приговорот како неоснован.
И членот Абдуш Демири потенцира дека се утврдило дека членовите на избирачкиот одбор ја завршиле нивната работа согласно Изборниот законик. Тој предложи приговорот на „Европски фронт“ да се одбие како неоснован.
По прегласувањето во избирачко место 2101 во Ларце, Желино, коалицијата „Европски фронт“ загуби еден пратеник во однос на резултатите од изборите на 8 мај, додека Коалицијата „Вреди“ доби еден пратенички мандат. За прегласувањето на 22 мај во седум изборни места во петтата и шестата изборна единица, до ДИК немаше други приговори.