Конститутивната седница, според новиот Деловник, не може да трае подолго од три дена и мора да заврши со избор на претседател на Собранието. Потоа, новоизбраниот претседател на Собранието треба да ја извести шефицата на државата Сиљановска-Давкова, дека се верификувани мандатите на пратениците
На 28 мај, кога ќе почне конститутивната седница на Собранието, во пратеничките фотелји ќе седнат новите народни избраници. Со седницата, согласно Деловникот за работа, ќе претседава највозрасниот пратеник, а тоа во новиот состав е пратеничката Мерита Колчи Коџаџику.
Сè уште актуелниот собраниски спикер Јован Митрески денеска одржал состанок со претставниците на политичките партии застапени во новоизбраното Собрание, на кој консензуално било одлучено конститутивната седница да се одржи на 28 мај 2024 година, вторник, во 11 часот.
На состанокот со Митрески денеска присуствувале Никола Мицески од Коалицијата „Твоја Македонија“ – ВМРО-ДПМНЕ; Оливер Спасовски од Коалицијата за европска иднина – СДСМ; Арбер Адеми од Коалицијата „Европски фронт“; Халил Снопче од Коалицијата „Влен“; Борислав Крмов од партијата Левица и Бобан Карапејовски од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Исто така, на состанокот биле и Мерита Колчи Коџаџику, како највозрасна пратеничка, како и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.
Митрески ги информирал пратениците дека согласно Деловникот на седницата ќе има три точки на дневен ред – избор на Верификациона комисија, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието.
Конститутивната седница, според новиот Деловник, не може да трае подолго од три дена и мора да заврши со избор на претседател на Собранието. Потоа, новоизбраниот претседател на Собранието треба да ја извести шефицата на државата Силјановска-Давкова, дека се верификувани мандатите на пратениците.
Мандатот од четири години на новиот собраниски состав почнува да тече од конститутивната седница на Собранието. Оттогаш почнуваат да течат и 10 дена во кои претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, мора да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот на партијата или партии кои имаат мнозинство во Собранието, а во случајот тоа е ВМРО-ДПМНЕ.
Доколку се чекаат крајните рокови, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски мандатот би го добил на 10 јуни, а потоа ќе има 20 дена за да поднесе програма за работа и предлог за состав на новата влада до Собранието. Тоа значи дека ако Мицкоски успее да состави влада, предлогот до парламентот ќе го достави најдоцна на 30 јуни, а новата влада земјата ќе ја добие на почетокот на јули.