И покрај тоа што и Сиљановска-Давкова и нејзиниот бугарски колега Радев денеска беа на исто место во исто време во Рим, тие не остварија средба, поради, како што рече претседателката, неусогласување на агендите. Како што изјави таа, подготвеност за средба имало и од двете страни, но останало да биде планирана за некоја наредна прилика
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова денеска имаше аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск во Ватикан по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.

На неа, како што изјави претседателката по средбата, со папата Франциск разговарале за интеграцијата на земјава, како и на целиот Западен Балкан во Европската Унија, а размениле мислења и за актуелните светски случувања.
Инаку, ова е прва посета на странска држава на Сиљановска-Давкова по нејзиниот избор за претседателка на државата на изборите на 8 мај, а официјализиран четири дена подоцна, односно на 12 мај со инаугуративната седница во Собранието.
Станало збор и за посетата на папата на земјава пред пет години, за која и двајцата потврдиле дека била, како што кажа претседателката, неверојатно инспиративна, јавува известувачот на МИА од Рим.
„Се усогласивме околу актуелните проблеми, околу поддршката за земјава кон Европската Унија, поддршката на папата на Западен Балкан и рековме дека по 30 години од соработката, успесите се очигледни. Потврдивме дека посетата во 2019 година беше неверојатно инспиративна не само за малото стадо на кое му порача да не се плаши, туку за сите религии и дека сме пример за релиогиозен дијалог кој ќе продолжи, како и дека Ватикан верува во нашата сила“,
изјави Сиљановска-Давкова.

На средбата, како што кажа таа, изразила разбирање за склучување на конкордат (договор за регулирање на статусот на Католичката црква во земјава), но посочи дека овие прашања таа самостојно не може да ги реши, бидејќи тоа не спаѓа во нејзините надлежности, но може многу лесно да се надминат во соработка со владата.
Во дел од видеоколажот од аудиенцијата што го објави Медиумската информативна агенција (МИА) може да се слушне како папата Франциск вели:
„Бидејќи не зборувам македонски“
По ова следи друг кадар во кој Сиљановска-Давкова вели:
„Јас учев латински, но…“
Традиционално, на средбата, претседателката и папата си разменија подароци. Сиљановска-Давкова му подари резба на која е прикажана птицата феникс, која, како што изјави шефицата на државата, е асоцијација дека како феникс сме се кревале секогаш и сме наоѓале сила за соработка. Сиљановска- Давкова на поглаварот на Римокатоличката црква му врачила и икона, подарок од архиепископот на Македонската православна црква –Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан.

За аудиенцијата, Сиљановска-Давкова сподели впечатоци и на социјалните мрежи, каде што напиша дека со Светиот Престол имаме нераскинливи историски врски преку важни личности од заедничкото минато.
„Благодарност до Папата Франциск за пријатниот и конструктивен разговор. Уверена сум дека во период што следи уште поинтензивно ќе се залагаме за продлабочување на севкупните односи со Светиот Престол и ќе го негуваме меѓусебното почитување базирано на заедничките историски, културни и верски традиции“,
напиша претседателката на државата на Фејсбук.
Инаку, на аудиенција кај папата денеска беше и и бугарскиот претседател Румен Радев, кој по истиот повод престојува во Рим.
Сепак, иако и Сиљановска-Давкова и Радев беа на исто место во исто време, тие не остварија средба, поради, како што рече претседателката, неусогласување на агендите.
Подготвеност за средба имало и од двете страни, но останало таа да биде планирана за некоја наредна пригода.
„Изразивме подготвеност, но до средба нема да дојде. И двете делегации имаме агенда, меѓутоа рековме дека час поскоро, во првиот можен момент, ќе ја реализираме“,
изјави Сиљановска-Давкова.
Радев денеска ќе присуствува во базиликата „Свети Климент“ на литургија за Свети Кирил и во црквата „Санта Марија Маџоре“, а претседателката Сиљановска-Давкова, според агендата, утре ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители со посета на базиликата „Свети Климент“, каде што се наоѓа гробот на Свети Кирил.