Прашан од новинарите за релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наке Георгиев, тој одговори: „Ги знам јас сите и обвинители и судии, и се дружам, разговараме, пиеме кафе, едно-друго“. На дополнително прашање дали разговарале за предмети, тој кусо одговори: „Не“
Заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, Иџет Мемети, остана без пасош, откако судија на претходна постапка го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и му одреди мерки на претпазливост на второосомничниот во случајот за примање поткуп поради кој во притвор заврши судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев.

Покрај одземањето на патната исправа, Мемети дополнително ќе мора повремено да се јавува на службено лице во Судот.
Екснародниот правобранител и актуелен член и заменик-претседател на Советот на јавни обвинители денеска се појави во Основниот кривичен суд Скопје, каде што, како што информираа од Судот, во присуство на бранител се произнел по барањето за определување на мерки за претпазливост.
„По денешното произнесување на осомничениот во присуство на неговиот бранител како и ценење на фактите и доказите во прилог на ОЈО ГОКК, Судот донесе решение со кое предлогот се уважува. На осомничениот му се опредлуваат мерки за претпазливост од член 146 став 1 точка 2 и 3, односно обврска на осомничениот повремено да се јавува на определено службено лице во Судот и одземање на патна и друга исправа за напуштање на државната граница како и забрана за издавање нова“,
се наведува во соопштението на Кривичниот суд.
Оттаму додаваат дека определените мерки важат до правосилноста на постапката, а против решението на Судот, странките во постапката имаат право на жалба пред Кривичниот совет на скопскиот кривичен суд.
По завршувањето на рочиштето, Мемети во изјава за медиумите потврди дека Судот донел решение за мерка за претпазливост, додавајќи оти во интерес на сите е што побрзо органите да ја завршат работата околу овој случај.
„Друго повеќе не би сакал да зборувам, а мислам дека тоа не е добра работа затоа што и во мој интерес и во интерес на јавноста е што побрзо органите да ја завршат целата работа“,
рече Мемети.
Одговарајќи на новинарско прашање околу тоа дека во два мандати бил народен правобранител, а сега е осомничен во предмет пред Кривичниот суд, тој рече дека како човек секако дека тоа го погаѓа, додавајќи дека на крајот ќе излезе дека не сторил ништо противзаконито.
„Видете, ова секако дека како човек ме погаѓа, меѓутоа и вчера имав изјава, не е добро да зборувам пред медиумите за работа која се води по судски пат. Но, ве уверувам дека многу брзо ќе заврши и на крајот ќе излезе дека ништо противзаконито не сум сторил“,
рече осомничениот заменик-претседател на Советот на јавни обвинители.
Прашан за релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наке Георгиев, тој одговори.
„Ги знам јас сите, и обвинители и судии, и се дружам, разговараме, пиеме кафе, едно-друго“,
рече Мемети.
На дополнително прашање дали разговарале за предмети, тој кусо одговори: „Не“.

Судијата Наке Георгиев и заменик-претседателот на Советот на јавни обвинители, како што соопшти ОЈО ГОКК во вторникот се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание по член 359 од Кривичниот законик (КЗ) и против нив е отворена истрага.
Акцијата и отворањето истрага, според ОЈО ГОКК, уследиле откако син на обвинет во предмет што се води во ова Обвинителство пријавил дека првоосомничениот во случајот, односно врховниот судија Наке Георгиев, ветувал погодности за неговиот татко и лажно прикажале со второосомничениот дека ќе извршат влијание.
Според информации на медиумите, случајот го пријавил синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, кој во март годинава со поголема група беше осомничен за нелегална трговија со марихуана, кога му беше одреден и притвор.
На Георгиев Кривичниот суд на предлог Обвинителството завчера му одреди 30-дневен притвор поради постоење опасност дека може да ја „попречи кривичната постапка со влијание врз сведоците, и околности кои упатуваат дека ќе го доврши или повтори кривичното дело“.
Неговиот адвокат Александар Тумановски, вчера во изјава за медиумите потврди дека ќе поднесат жалба до Кривичниот совет против одлуката за притворот.
Инаку, пред да му биде одреден притвор, Судскиот совет на итна седница што се одржа на полноќ меѓу понеделникот и вторникот му го одзеде имунитетот на Георгиев, го одобри барањето за притвор и одлучи да го оддалечи од работното место додека правосилноста на постапката против него. Завчера претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми на седница ги информирала колегите за кривичната постапка против судијата Георгиев.