Силно невреме околу 15 часот го зафатило и Нови Пазар и околината, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во неколку населби

Една жена е загината во невремето кое попладнево околу 18 часот ги зафати Сомбор и околината. Жената загинала кога дрво паднало врз автомобилот кој таа го возела.
„За време на силно невреме што го зафати Сомбор и неговата околина околу 17 часот, една жена загина кога дрво паднало врз возилото што го возела. Од повредите почина на лице место“,
изјави вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ.
Тој ги повика граѓаните да бидат крајно внимателни поради невремето во Србија, за што предупреди и Републичкиот хидрометеоролошки завод.
Како што пренесува порталот „Соинфо“, неколку патишта во Сомбор се непроодни.
Невремето, кое започна околу 18 часот, придружено со ветер, создаде низа проблеми во самиот град, но и на територијата на општината Апатин.
Српските медиуми пренесуваат дека силно невреме околу 15 часот ги зафатило Нови Пазар и околината, предизвикувајќи прекин на електричната енергија во неколку населби.
Поради обилните врнежи, на улиците се појавиле големи количества вода, што го отежнало движењето на автомобилите.
Сè уште нема информации за можни штети на патната инфраструктура и домаќинствата. Но, од видеата кои се шират на социјалните мрежи може да се забележи дека има одрони и свлечишта на патиштата околу Нови Пазар.
Метеоролошката тревога за подрачјето на западна Србија, пред сè за областа Мачва, рано денеска беше подигната на највисоко црвено, соопшти Републичкиот хидрометеоролошки завод, предупредувајќи на силно невреме.
„Како што линеарниот систем за грмежи се движи по југо-југозападна струја, во некои делови од ова подрачје силниот интензитет на врнежи со грмежи и град ќе трае повеќе од два часа, предизвикувајќи врнежи од 40 до 80 милиметри, локално и повеќе“,
се наведува во итното предупредување издадено попладнево.