„Бидејќи во текот на вчерашниот ден на самото место покрај нашиот градежен инспектор беа и инспектори од МВР, УЈП и ДПИ, Општината бара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај“, вела од Карпош во врска со забавниот парк
Општина Карпош демантира дека ѝ издала какво било одобрение на фирмата која ги поставува реквизитите во рамки на забавниот парк кај спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје велејќи дека Општината не е надлежна за издавање на ваков тип одобренија.

Од Карпош оценија оти очигледно се работи за насилник за кого, како што велат, законските процедури не важат.
„Надлежните државни институции треба најостро да го санкционираат, имајќи предвид дека ги нема потребните одобренија да ја врши оваа дејност на предметната локација. Бидејќи во текот на вчерашниот ден на самото место покрај нашиот градежен инспектор беа и инспектори од МВР, УЈП и Пазарен инспекторат, Општината бара тие да ги искористат своите законски овластувања и да се затвори овој случај“,
велат од Општина Карпош и додаваат дека забрана за вршење на дејноста изрекува ДПИ.
Претходно денеска од Министерството за внатрешни работи информираа дека реквизитите во забавниот парк во околината на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје ќе бидат отстранети и дислоцирани бидејќи се поставени без потребните дозволи и документи.
Најавата на МВР за затворање на забавниот парк доаѓа три дена откако скопската градоначалничка Данела Арсовска обвини оти фирмата „Дизниленд реквизити“ од Чаир без соодветна дозвола и документација за гаранција на безбедноста ги монтирала забавните реквизити пред спортскиот центар во Скопје.
