И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше остро на веста дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан бара налози за негово и апсење на министерот за одбрана на земјата, Јоав Галант. Нетанјаху барањето на Кан го нарече апсурдно, оценувајќи дека тоа е насочено против цел Израел
Американскиот претседател Џо Бајден се спротивстави на барањата на главниот обвинител на меѓународниот кривичен суд Карим Кан за издавање налози за апсење на премиерот Бенјамин Нетанјаху и други високи израелски функционери, оценувајќи ги како „срамни“, пренесува „Гардијан“.

„Барањето на обвинителот на МКС за налози за апсење против израелските лидери е срамота. И дозволете ми да бидам јасен: што и да сугерира овој обвинител, нема знак на еквивалентност – ниту еден – меѓу Израел и Хамас. Ние секогаш ќе стоиме со Израел против заканите по неговата безбедност“,
се вели во изјавата на американскиот претседател, што ја цитира британскиот весник.
И израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху реагираше остро на веста дека главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан бара налози за негово и апсење на министерот за одбрана на земјата Јоав Галант.
Нетанјаху барањето на Кан го нарече апсурдно, оценувајќи дека тоа е насочено против цел Израел.
„Со одбивност ја отфрлам споредбата на обвинителот во Хаг меѓу демократски Израел и масовните убијци на Хамас.
Со каква дрскост го споредувате Хамас кој убиваше, палеше, касапеше, обезглавуваше, силуваше и киднапираше наши браќа и сестри и војниците на ИД кои водат праведна војна?“
рече израелскиот премиер, пренесува Ројтерс.
Нетанјаху, дополнително, рече дека денешниот случај покажува како изгледа новиот антисемитизам.
Тој вети дека Израел останува на својата цел за воена контраофанзива на Израел, започната по нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година и повтори дека Израел „ќе го урне Хамас и ќе постигне целосна победа“ против групата која ја контролира Газа.
Нетанјаху и во декември лани изјави дека дека секој обид за каква било истрага против Израел за војната во Газа е чист антисемитизам.

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд денеска соопшти дека бара налози за апсење на водачот на Хамас, Јахја Синвар, и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху под обвинение за воени и злосторства против човештвото поради нападите врз Израел на 7 октомври и последователната војна во Газа.
Освен за Нетанјаху и Синвар, Судот во Хаг бара налози за апсење и за израелскиот министер за одбрана и уште тројца водачи на Хамас. Обвиненијата против Нетанјаху и израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вклучуваат „предизвикување истребување, предизвикување гладување како метод на војна, вклучително и одбивање хуманитарна помош, намерно таргетирање цивили во конфликтот“.
Обвиненијата против водачите на Хамас, пак, вклучуваат: „истребување, убиство, земање заложници, силување и сексуален напад во притвор“.
Одлуката на Судот во Хаг против израелски политичари, како шт претходно денеска објави Си-ен-ен, е првпат на тапет да биде ставен главниот лидер на близок сојузник на САД. Ова го става Нетанјаху во друштво на рускиот претседател Владимир Путин, по кого Судот во Хаг издаде налог за апсење поради војната на Москва против Украина.
Израел и Соединетите Американски Држави не се членки на Меѓународниот кривичен суд. Сепак, Судот тврди дека има јурисдикција над Газа, Источен Ерусалим и Западниот Брег, откако палестинските лидери формално се согласија да бидат обврзани со принципите на Судот во 2015 година.