Коалицијата предводена од ДУИ упати и прашање до коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, која во моментов е во преговори со ВМРО-ДПМНЕ за соработка во идната влада, дали го дели истиот став со Христијан Мицкоски во однос на договорот со „Бехтел и Енка“ за кој рече дека треба или да се раскине или да се репреговара
Ниту една влада не може да го раскине договорот со „Бехтел и Енка“ – порачаа денеска од коалицијата „Европски фронт“ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека договорот со американско-турскиот конзорциум за изградба на коридорите 8 и 10-д треба или да се раскине или да се репреговара.
Од коалицијата велат дека е неприфатливо и невозможно евентуалното раскинување на договорот за, како што оценија, најголемиот инфраструктурен проект во историјата на државата кој е од витално значење за развојот на домашната економија.
„Оценуваме дека ваквиот став е обид да се минимизира големата работа и најголемиот проект во историјата на државата што досега прогресивната и проевропската влада го реализираше. Договорот со ‘Бехтел и Енка’ е потпишан според сите законски одредби, коректен е од секој аспект и никој не може да ја оцрни неговата содржинска исправност и бенефитот што неговата реализација ѝ го носи на државата“,
се наведува, меѓу другото, во соопштението на „Европскиот фронт“.
Коалицијата предводена од ДУИ упати и прашање до коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците, која во моментов е во преговори со ВМРО-ДПМНЕ за соработка во идната влада, дали го дели истиот став со Христијан Мицкоски во однос на договорот со „Бехтел и Енка“.
„Досега во овие неколку дена нè нарекоа ‘македонски Албанци’, рекоа дека нема уставни измени, дека нема европска перспектива, дека Охридскиот договор ќе биде суспендиран и дека опозицијата што ги изгуби изборите нема ниеден услов за формирање на идната Влада. Дали и лидерите на албанската опозиција ги делат овие ставови?“,
велат од коалицијата предводена од ДУИ.
Реакцијата на „Европскиот фронт“ следува откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера изјави дека за договорот со „Бехтел и Енка“ има две опции – или да се раскине или да се репреговара. Според изјавата на Мицкоски, поизвесно е дека договорот со американско-турскиот конзорциум би се репреговарал.
„Ние сме повеќе за прагматичниот пристап, граѓаните да добијат автопат, но оптимиран, но ваков каков што е, потпишан од оваа влада, за жал, е во одредена мерка неприменлив поради големите правни проблеми, проблеми со експропријација и технички проблеми. Како идна влада сакаме да градиме, а не да рушиме“,
изјави вчера Мицкоски.