Словачкиот претседател Петер Пелегрини изрази надеж дека Фицо ќе може да носи одлуки во наредните денови, но рече дека во меѓувреме неговите должности ќе ги преземе неговиот заменик, вицепремиерот и министер за одбрана Роберт Калињак
Новоизбраниот претседател на Словачка, Петер Пелегрини, денеска изјави дека во болницата во Бањска Бистрица разговарал со премиерот Роберт Фицо, кој беше застрелан по состанок на владата во средата.

„Може да зборува, но кажа само неколку реченици, а потоа се почувствува уморен бидејќи прима лекови“,
изјави Пелегрини на денешната прес-конференција.
Пелегрини изрази надеж дека Фицо ќе може да носи одлуки во наредните денови, но рече дека во меѓувреме неговите должности ќе ги преземе неговиот заменик, вицепремиерот и министер за одбрана Роберт Калињак.
Калињак, пак, изјави дека Фицо е сè уште во тешка состојба и дека сè уште е рано да се каже кога ќе закрепне.
„За жал, сè уште не можам да кажам дека победуваме во напорите да го спасиме животот на Фицо, ниту дека прогнозите се позитивни бидејќи последиците од повредите предизвикани од четирите прострелни рани се такви што одговорот на телото на нив ќе продолжи да биде многу тежок“,
изјави вицепремиерот и министер Роберт Калињак кој ќе ги преземе премиерските должности.