Техничкиот премиер Оливер Спасовски со видеопорака упати честитка по повод Ден на македонскиот јазик – 5 мај.
„Денеска го одбележуваме овој значаен ден во реалност која е современа, но неспорна – го зборуваме јазикот македонски, со нашата азбука, како официјално писмо. Македонскиот јазик ги помина сите фази на создавањето, на пробивот, на препознавањето, на кодификацијата и на признавањето“, вели премиерот во обраќањето.
Сега, додава тој, нам ни останува да го чуваме и унапредуваме, а таа обврска, вели, има уште поголема важност ако се има предвид улогата на големите дејци, Мисирков и Конески.
„Посебноста на македонскиот јазик е впишана во личната карта на нашата држава, во големото семејство на народи и на земји членки на Обединетите нации каде што покрај името Република Северна Македонија, за јазик стои – македонски јазик. Македонскиот јазик се користи слободно, секаде, низ целиот свет“,
вели Спасовски.
Спасовски посочува дека Владата искрено и силно е посветена да го негува и да го унапредува македонскиот јазик.
„Токму поради тоа, Владата го прогласи 5 мај за Ден на македонскиот јазик. Тоа е денот кога во 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија го објави решението за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо на нашиот јазик. Денес, наш приоритет останува поттикнувањето на развојот и афирмацијата на македонскиот јазик како наш постојан влог за неговата иднината, а иднината на нашиот јазик е иднината на нашата татковина. Нашиот, македонски јазик, самосвеста за неговата закрила, коренот на нашето битие, заштитникот на нашиот идентитет и иднина, е света обврска за сите нас“,
нагласува Спасовски.