Тој во интервју за грчката телевизија Скај посочи дека грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа
Отстапувањето од Договорот од Преспа ќе донесе последици на европскиот пат на Северна Македонија и во билатералните односи со Грција. Грчкиот парламент нема да ги ратификува трите меморандуми за соработка сè додека не постои целосно усогласување со одредбите од Договорот од Преспа, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата Скај, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој во интервјуто потсети на неговото, како што рече, предупредување во 2019 година дека ратификацијата на Договорот ги обврзува двете држави во иднина да го спроведат.
„Во однос на тоа што ќе правиме, со јасна изјава ја предупредив и новата влада на Скопје дека кое било отстапување од Договорот, сигурно е дека ќе има сериозни последици во нашите односи со Северна Македонија, но и на патот на Северна Македонија кон Европа. За одредницата ‘македонски’, ова за жал е гарантирано во Договорот од Преспа и ова беше нашето големо несогласување“,
рече Мицотакис.
Коментирајќи ја вчерашната одлука на опозициската Сириза да ги достави во парламентот трите меморандуми, грчкиот премиер рече дека е пракса која навистина ги достигнува границите на апсурдот.
„Ми остави впечаток фактот што вчера Сириза побрза да ги достави трите меморандуми во парламентот. Сега, кога го гледаме она за што се сомневавме веќе подолг период дека може да дојде следната влада и на некој начин да го оспори јадрото на Договорот, што всушност е ‘ерга омнес’, односно едно име за сите. Сега да дојдеме ние да ги ратификуваме меморандумите и да го изгубиме секое преговарачко оружје што го имаме за Скопје“,
истакна грчкиот премиер.
Мицотакис истакна дека ги следеле политичките случувања во С Македонија, гледале дека доаѓа нова влада, го читале тоа што било кажувано и, како што објасни, затоа избрале да не ги ратификуваат меморандумите.
„Ние нема да ги ратификуваме меморандумите сè додека не сме апсолутно убедени дека другата страна е усогласена со сите одредби на Договорот од Преспа“,
порача Мицотакис.
Грчката опозициска партија Сириза вчера, во грчкиот парламент, во облик на предлог-закони, ги достави меморандумите со Северна Македонија по вторпат, откако еднаш веќе беа доставени од актуелната влада пред нешто помалку од четири години. Трите меморандуми се со потполно иста содржина како оние поднесени во септември 2020 година од тогашните министри.
Станува збор за меморандуми што се однесуваат на европската перспектива на Северна Македонија, на економската соработка меѓу двете земји и воздушниот надзор.
Претседателот на пратеничката група на Сириза, Сократис Фамелос, истакна дека ратификацијата е императив од национален интерес.
„Владите на Мицотакис веќе пет години систематски негираат промоција и продлабочување на Договорот од Преспа. Договор кој им служи на националниот интерес, но и на мирот, соработката и стабилноста во особено чувствителниот регион на Балканот. Наместо да го промовира Договорот, господинот Мицотакис се залага за одржување на рамнотежата во внатрешноста на владејачката партија и комуникациско искористување на националните прашања. Но, доцнењето на ратификувањето на трите меморандуми за соработка со Северна Македонија претставува опасно назадување, нанесувајќи им штета на интересите на земјата и тоа во време кога меѓународното опкружување станува неизвесно“,
изјави Фамелос.
Согласно процедурите во грчкиот парламент, меморандумите треба да бидат разгледани на надлежната комисија за национална безбедност и надворешни прашања, а откако членовите на комисијата ќе дадат зелено светло, ратификацијата ќе биде на седница на парламентот.
Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, вчера, во интервју за грчката телевизија Мега, истакна дека ратификацијата на меморандумите во парламентот ќе се случи кога Грција ќе оцени дека има целосно почитување на Договорот од Преспа.
„За мене неразбирлив е ставот на опозицијата, несфатлив бидејќи во овој конкретен момент ќе достават предлог-закон за ратификација на меморандумите, кога е очигледно дека од другата страна нема расположение за усогласување“,
вели грчкиот министер за надворешни работи.
Шефот на грчката дипломатија вчера во интервју за грчката телевизија ЕРТ рече:
„Сите сфаќаме дека новото раководство на Северна Македонија може идеолошки да има поразлично мислење, но постојат прашања што се над нивната волја.“