Сите партии, посочи евроамбасадорот, изјавија дека се посветени на европскиот пат на Северна Македонија, а предизвикот пред нив ќе биде да се исполни ова ветување за напредок во фундаменталните реформи, усвојување на уставните измени, отворање на кластерите
Својот говор по повод одбележувањето на Денот на Европа, Дејвид Гир го заврши со стиховите од втората строфа од песната „Татунчо“ од збирката „Бели Мугри“ на еден од најзначајните македонски поети, Кочо Рацин, кој, како што кажа, го има доловено најдоброто од македонскиот народ и визијата што ја споделува ЕУ, изразена преку мотото „Обединети во различноста“
Со краток, но содржински прецизен осврт на актуелните случувања во земјава, нејзиното наследство и перспектива, шефот на Делегацијата на Европската Унија, Дејвид Гир, синоќа се обрати на завршниот настан од одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај.

Настанот се одржа во едукативниот културен центар „Лабораториум“, кој се наоѓа во зградата на поранешното НИП „Нова Македонија“, односно во просториите каде се наоѓаше печатницата.
Гир, за кого ова е последен говор по повод Денот на Европа во својство на шеф на Делегацијата на ЕУ во земјава, имајќи предвид дека неговиот четиригодишен мандат завршува летово, најде зборови и за симболиката на просторот избран за настанот.
Рече дека со едната нога е во минатото, а со другата во иднината.
„Добре дојдовте на Денот на Европа во ‘Лабораториум’! Погледнете наоколу! Ова е прекрасен простор. Со едната нога во минатото – кога беше печатница на весникот ‘Нова Македонија’. А, со другата во иднината, како простор за креативност и иновации. Затоа, Европската комисија му оддаде признание на годинешниот конкурс за Нов Баухаус, каде ’Лабораториум’ го освои второто место. Но, ’Лабораториум’ е поврзан и со младите. Како што ми рече еден од сопствениците, ‘ако со активностите и можностите на овој простор задржиме илјада млади луѓе во земјата, тогаш сме успеале’“,
кажа евроамбасадорот на почетокот од својот говор.
Местото, рече евроамбасадорот, кој целиот свој говор го предаде на македонски јазик, ги спојува минатото и иднината, креативноста и иновациите, а најмногу младите. Најдоброто што Европската Унија и Северна Македонија можат да го понудат, рече Гир, додавајќи дека во конкретната пригода ги истакнуваат принципите на зелена одржлива иднина – „веројатно нашиот најголем предизвик“.
Централниот, условно кажано, дел од неговото обраќање, Гир го искористи да испрати пораки до политичките актери во земјава, за предизвиците што ги очекуваат по неодамнешните избори, на кои државата доби нов претседател и е во исчекување на нова влада.
Упатувајќи честитки до сите за мирната и демократска атмосфера во која се одржаа изборите, својата порака Гир ја адресира до, како што рече, оние што во моментов преговараат за формирање влада.
„Ваша задача ќе биде да ја претворите реториката од изборната кампања во современа реалност, да ги залечите поделбите што беа очигледни обединувајќи ги граѓаните од сите заедници со позитивна реформска агенда“,
рече евроамбасадорот.
Сите партии, посочи тој, изјавија дека се посветени на европскиот пат на Северна Македонија, а предизвикот пред нив ќе биде да се исполни ова ветување за напредок во фундаменталните реформи, усвојување на уставните измени, отворање на кластерите.
Ако се направи ова, според Гир, потенцијалот на оваа земја е огромен.
„Иако главната одговорност ќе ја има новата влада, вистински напредок ќе биде можен само ако сите политички партии и сите државни институции се дел од процесот. Ако го направите ова, потенцијалот на оваа земја е огромен. Ќе ја зајакнете државата, ќе го подобрите животниот стандард, ќе ги зголемите инвестициите, ќе почнете да го намалувате одливот на мозоци. Ќе го зајакнете идентитетот, и, да, јазикот. Ќе ја вратите довербата во иднината. Ќе им дадете надеж на младите од оваа земја. Ние ќе бидеме со вас на секој чекор – политички, економски и финансиски, вклучително и преку Планот за раст за Западен Балкан. И ќе може да извлечете корист од извонредниот момент во проширувањето на кој бевме сведоци во последниве години“,
рече тој.

Своето обраќање тој го заокружи со неколку збора за, како што рече, извонредното искуство што тој и неговиот партнер Пол го имале во оваа земја, потсетувајќи притоа дека ова е последен Ден на Европа во неговиот мандат како амбасадор.
„Ни го покажавте најдоброто што оваа земја може да го понуди – нејзиното прекрасно природно наследство – од Шара до Пелистер, од Преспа до Охрид, од Струга до Берово, од Тетово до Струмица – нејзината богата култура – од Личеноски до Мазев, до Нехат Беќири, од Горан Стефановски до Шопов и Фејзи Бојку, од Тоше Проески, до Влатко Стефановски и Селами Колоња. Списокот е долг… пред сè ни ја покажавте нејзината различност, дарежливоста и топлината на народот. Нè примивте Пол и мене во вашите домови и ни ги освоивте срцата. Ви благодарам“,
рече Гир.
Додавајќи дека во наредните месеци ќе има време за вистинско збогување, Гир говорот го заврши со стиховите од втората строфа од песната „Татунчо“ од збирката „Бели Мугри“ на еден од најзначајните македонски поети Кочо Рацин.
Рацин, како што истакна евроамбасадорот Гир, го има доловено најдоброто од македонскиот народ и визијата што ја споделува Европската Унија, изразена преку мотото „Обединети во различноста“.
„Ако куќа не направив
со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е
братски срце што отвора,
срце – порта највисока,
срце – куќа најширока“,
ги изрецитира Гир на македонски јазик стиховите од „Татунчо“.
