За настапот на новата претседателка во Собранието од пред два дена претходно денеска реагираше и Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија со порака дека Брисел мора да им испрати јасна порака на Силјановска-Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ дека таквата политика нема да се толерира
Министерот за надворешни работи во заминување, Бујар Османи, денеска во просториите на македонското МНР се сретнал со германската амбасадорка во земјава, Петра Дрекслер.

Во кусата објава на Фејсбук во која информира за средбата, Османи пишува дека со германската амбасадорка се согласиле оти за заокружување на европската интеграција на земјава, покрај продолжување на реформските процеси, потребно е и исполнување на обврската за целосно применување на меѓународните договори.
Министерството со кое сè уште раководи Бујар Османи вчера и преку официјално писмено соопштение повика политичарите и избраните функционери да ги почитуваат уставните одредби и меѓународно преземените обврски, меѓу кои и почитување на Договорот од Преспа. Од МНР повикаа и на задржување на евроатлантскиот курс за кој посочија дека е основен стратегиски интерес и гарант за долгорочната безбедност и стабилност на земјата.
Освен од дел од институциите и од дел сè уште актуелните министри во техничката влада, за неупотребата на уставното име на државата од страна на Гордана Силјановска-Давкова на нејзината инаугурација низа реакции стигнаа и од официјална Атина и од челниците на Европската Унија.
За настапот на новата претседателка во Собранието од пред два дена денеска реагираше и Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ во Германија. Пратеникот на опозициските демохристијани во Бундестагот, Јирген Харт, порача дека Брисел мора да им испрати јасна порака на новоизбраната претседателка Силјановска-Давкова и на ВМРО-ДПМНЕ дека таквата политика нема да се толерира.