Како што информираа од кабинетот на Силјановска, претседателката истакнала дека како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и дека подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде врвен приоритет

Реформите во високото образование со цел приспособување на високообразовните институции на глобалните трендови и достигнување на европските критериуми и стандарди биле во фокусот на денешната средба на претседателката Гордана Силјановска-Давкова и ректорите на државните универзитети.
Како што информираа од кабинетот на Силјановска, претседателката истакнала дека како личност што доаѓа од академската заедница, ќе го поддржува поттикнувањето на научно-истражувачката дејност, посочувајќи дека високото образование е клучно за просперитетот, развојот и напредокот на државата и дека подигнувањето на неговиот квалитет мора да биде врвен приоритет.
На средбата, Силјановска-Давкова посочила и на потребата државните институции заедно со универзитетите да ги интензивираат напорите за поцелосно искористување на ресурсите од механизмите на ЕУ наменети за високото образование и да се искористи можноста македонските студенти и академски кадар да имаат зголемено ниво на соработка преку проектите на програмата „Еразмус плус“ на Европската комисија.
„Во насока на поттикнувањето на развојот преку науката, дигитализацијата и развојот на човечките капацитети, претседателката ја посочи нејзината подготвеност како професор со долгогодишно искуство во високото образование да помогне во правец на подобрување на квалитетот на образованието за сите млади луѓе, промовирање на културната разновидност, поттикнување на иновациите и подобрување на технолошките вештини кај младите“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателката.
Во претседателскиот кабинет денеска беа ректорите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, „Гоце Делчев“ – Штип, „Св. Климент Охридски“ – Битола, Универзитетот во Тетово и „Мајка Тереза“ – Скопје.
