Пријавениот Д.Б., заедно со Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и заедно со меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра А.Х. стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените му нанеле штета на Фондот во вредност од 614 484 евра

Три лица, меѓу кои и вршител на должноста директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, добија кривични пријави поради сомневање дека со меѓусебен договор ја изиграле постапката за јавен повик на сметка на државниот буџет.
Кривичната пријава, велат од Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е поднесена против Д.Б. (45), Р.Б. (72) и А.Х. (40) од Тетово.
Во образложението од Министерството за внатрешни работи (МВР) се наведува дека 45-годишниот Д.Б. од Тетово, во својство на вршител на должноста директор на Фондот за пензиското и инвалидското осигурување на Република Северна Македонија, на 22.02.2023 објавил повик за заинтересираност за закуп на деловен простор за потребите на Фондот во два дневни весници.
„Во својство на потенцијални закуподавци се јавиле М.С. и Ј.Б. од Тетово, како сопственици на недвижен имот. Второпријавениот Р.Б. (72) кој е татко на Д.Б., ги контактирал М.С. и Ј.Б., кои имале дадено оглас за продажба на недвижен имот во Тетово, при што се договориле да ја продадат куќата за сума од 260 000 евра, но најпрвин да потпишат документација за давање под закуп на недвижниот имот со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а потоа да склучат и преддоговор за купопродажба на имотот“,
се наведува во соопштението од МВР.
Потоа, Д.Б., од една страна, и М.С. и Ј.Б., на 02.03.2023 склучиле договор за закуп на недвижен имот со износ на закупнина од 1 890 евра месечно за времетраење на договорот од 20 години или во вкупен износ од 453 600 евра.
Истиот ден, се додава во соопштението од МВР, бил склучен и преддоговор за купопродажба на недвижниот имот меѓу М.С. и Ј.Б. и третопријавената А.Х. (40) од Тетово, која е сестра на Д.Б. Потоа, М.С. како закуподавец, паричните средства што Фондот месечно ѝ ги исплаќал за закуп ги вадела од нејзината сметка и во готовина на рака му ги давала на второпријавениот Р.Б. бидејќи согласно преддоговорот за продажба и нивниот меѓусебен договор имотот бил продаден на неговата ќерка.
Од страна на првопријавениот Д.Б., знаејќи дека ќе има потреба од реконструкција и адаптација на горенаведениот имот, на 30.01.2023 била донесена одлука за јавна набавка, по што била спроведена постапка за јавна набавка за тековно одржување во централа, филијали, деловници, пензионерски домови. На 17.03.2023 Фондот со економскиот оператор од Тетово склучил договор за јавна набавка, додека на 31.07.2023 бил потпишан и анекс договор, врз основа на кој биле исплатени вкупно 9 915 238 денари со вклучен ДДВ.
„Со ваквите дејствија, пријавениот Д.Б., заедно со пријавените Р.Б. и А.Х., ги повредил прописите за постапката за јавен повик и со нивниот меѓусебен договор ја изиграле постапката, па така неговата сестра, пријавената А.Х., стекнала право на сопственост на недвижниот имот, кој е предмет на закуп од страна на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, со што пријавените нанеле штета на Фондот во вредност од 37 852 275 денари или 614 484 евра од Буџетот на државата“,
се додава во соопштението од МВР.
