Ќе треба да седнеме да разговараме дали ова значи кршење на Договорот од Преспа или не. Колку што знаеме и сме разговарале со ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема, и тие сакаат да го почитуваат Договорот од Преспа. Тоа е завршен акт – вели еден од лидерите на коалицијата „Вреди“ по реакциите од Атина и Брисел за начинот на кој новата претседателка ја даде свечената изјава
Лидерот на Алтернатива од коалицијата „Вреди“, Африм Гаши, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, вели дека треба да се остават настрана емоциите од изборите, говорејќи за положувањето заклетва на претседателката Гордана Силјановска-Давкова која не го употреби уставното име на државата за време на свечениот чин во Собранието. Според Гаши, таа има право на свое мислење, но кога ја извршува функцијата за која е избрана, треба да употребува Северна Македонија бидејќи тоа, како што вели, носи импликации за целата држава. Добро е, сепак, што претседателката ја потпиша заклетвата на која стои уставното име на државата, смета тој.

Гаши: Ќе треба да седнеме да разговараме дали ова значи кршење на Договорот од Преспа или не. Колку што знаеме и сме разговарале со ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема, и тие сакаат да го почитуваат Договорот од Преспа. Тоа е завршен акт.
360°: Но, тоа подразбира и усно користење на уставното име.
Гаши: Тоа ќе биде дилемата во однос на оваа тема. Ние како „Влен“ и лично јас ќе го користам уставното име и очекуваме ова да се разјасни. Ако има различни интерпретации, треба да се разговара со нашите соседи, треба да ги почитуваме меѓународните договори и да го продолжиме европскиот пат.
На прашањето дали оваа тема била отворена со ВМРО-ДПМНЕ на средбата што се одржа викендов, Гаши вели дека разговарале за новиот концепт на водење на државата и изразиле очекување Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија да бидат прифатени и почитувани.
„Мислам дека на иста линија сме. ВМРО-ДПМНЕ се сериозна партија и знаат дека не може да се враќа назад тоа што е ратификувано. Но, тие мислат дека во делот на вербалното изразување, договорот го регулира и тоа, слободно да може да се интерпретира. Мислам дека тоа е работа што треба да се разјасни. Не мислам дека треба хистерична реракција од никого, а и ние треба да ги почитуваме договорите“,
рече Гаши.

Тој не очекува вето од Грција, туку рационално однесување од сите страни, потенцирајќи дека поголем дел од обврските од Преспанскиот договор се веќе исполнети.
„Нема да дозволиме за интерпретација на еден член да ризикуваме вето. Највисоката цена сме ја платиле за Преспанскиот договор, промената на името на државата. Тоа не ги болеше само Македонците, тоа допираше до секој граѓанин овде. Ама тоа го поминавме и ние ја плативме таа цена. Сега треба да ги добиеме придобивките од тој договор. Ние со ВМРО немаме исти ставови за сите прашања, да беше така ќе бевме иста партија и во иста предизборна коалиција“,
додава Гаши.
