Во споредба со претходните рангирања, УКИМ бележи пад од 26 места во споредба со 2022 година кога беше на 1 964. место. Доколку се спореди со 2021 година, пак, тогаш падот е за 46 места. За пет години (од 2019 г.), УКИМ на оваа ранг-листа паднал за дури 174 места
Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) останува на 1 990. место на листата од 2 000 најдобри универзитети во светот за 2024 година.
Оваа ранг-листа денеска ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR), на која УКИМ е на истата позиција од минатогодишното рангирање и сè уште е единствениот македонски универзитет кој се наоѓа на ова рангирање.

Во споредба со претходните рангирања, УКИМ бележи пад од 26 места во споредба со 2022 година кога беше на 1 964. место. Доколку се спореди со 2021 година, пак, тогаш падот е за 46 места. За пет години (од 2019), УКИМ на оваа ранг-листа паднал за дури 174 места.
Станува збор за ранг-листа која CWUR ја објавува секоја година, а при рангирањето универзитетите и колеџите ги оценува според четири фактори: образование, можност за вработување, настава и истражување. Годинава биле рангирани вкупно 20 966 високообразовни институции, што ја прави листата најголемото академско рангирање на универзитетите во светот. Од сите институции, на конечната листа се најдоа најдобрите 2 000.

Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, се универзитетите Харвард, Универзитетот во Масачусетс и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.

Од земјите од соседството, Србија има четири високообразовни институции меѓу најдобрите светски универзитети. Од нив, најдобро рангиран е Белградскиот универзитет, кој се најде на 376 место, што е пад од 14 позиции во однос на лани, а на листата се и универзитетите во Нови Сад, Крагуевац и Ниш.
Од Бугарија се рангирани два универзитета, додека пак Грција е на листата со 12 универзитети.
Од Хрватска на рангирањето се најдоа четири високообразовни институции. На листата и годинава немаше место за ниту еден универзитет од Албанија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Бројот на кинески универзитети во првите 2 000 најдобри изнесува 324, по што следува Јапонија со 110 институции.
