Во ставот на кабинетот на претседателката се вели дека во своите јавни настапи Силјановска-Давкова има право да го користи името Македонија како чин на, како што се посочува, лично право на самоопределување и самоидентификација. Се додава и дека таа ќе се придржува до официјалната примена на уставното име
На околу 24 часа по инаугурацијата на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која предизвика низа реакции, меѓу другото и од официјална Атина и од ЕУ, поради неупотребата на уставното име на државата, со официјален став по однос на ова прашање по првпат се огласија од претседателскиот кабинет.

Во ставот на кабинетот на претседателката се вели дека во своите јавни настапи таа има право да користи Македонија како чин на, како што се посочува, лично право на самоопределување и самоидентификација, почитувајќи ги основните човекови права и слободи и согласно европските вредности и начела.
Се додава и дека Силјановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име.
„Претседателката Гордана Силјановска-Давкова ќе се придржува до официјалната примена на уставното име. Согласно Уставот, како што беше подготвена од службите на Собранието, свечената заклетва беше потпишана со користење на уставното име“,
се посочува во писмениот став на кабинетот на претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Во соопштението, меѓу другото, се додава и дека Силјановска-Давкова очекува сите македонски партнери да ги почитуваат билатералните и мултилатерални обврски што ги презеле кон земјата додавајќи оти институциите во државава во последните пет години речиси целосно ги исполниле обврските од Преспанскиот договор.
Ставот на кабинетот на претседателката на државата следува по нејзината вчерашна инаугурација во Собранието која предизвика низа реакции поради неупотребата на уставното име во свечената изјава. Силјановска-Давкова не го кажа уставното име „Република Северна Македонија“ туку ја искористи само именката „Македонија“.
- Инаугурирана новата претседателка: Митрески во заклетвата прочита ‘Република Северна Македонија’, Силјановска рече ‘Македонија’
- (ВИДЕО) Свечената изјава на Силјановска-Давкова што ја налути Грција
Неупотребата на уставното име од страна на Силјановска-Давкова предизвика низа реакции на меѓународната сцена. Освен од соседна Грција, на ова реагираа и челниците на Европската Унија. Употреба на уставното име на државата и почитување на Преспанскиот договор побара и македонското МНР.