Набрзо ќе ги знаете сите детали, оставам на мандатарот, односно новиот премиер да ги каже – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ за најавата од Мицкоски за финансиски пакет по принципот „влада со влада“, како што рече, под поволни услови

360°: Како ќе се поставите кон проектот со „Бехтел и Енка“ за изградба на неколку автопатски делници? Имавте забелешки и критики за тој проект.
Мисајловски: Имавме доста забелешки и критики, јас бев еден од оние што постојано одеше и на телевизиите и во Собранието, зборував за овој договор и на комисијата. Не само што договорот беше навистина лош и што се донесоа тешки закони, лоши закони, туку најголемиот проблем е реализацијата. Еве, директно ќе ви кажам – и додека траеше кампања и до пред кампања, ние имавме контакти и се обидувавме да дознаеме што точно се случува на терен, до каде се работите. Помина една година, заглавен е процесот. Односно, се обидуваа да излезат на терен, да почнат со работа, но сите може да видите дека ништо не се гради. За жал, имаме големи проблеми таму. Јас многу пати сум кажал дека секој проект е добредојден и нас ни требаат проекти. Дали и кои делници веднаш треба да почнат да се работат, треба за брзо време да ви кажеме колку се заглавени. Бидејќи гледаме, има отпор и од населението. Вие гледате дека за експропријација селата излегуваат и се бунат и навистина има тешки проблеми. Затоа, набрзо ќе ви кажеме транспарентно, многу транспарентно, што точно се случувало со тој договор, што точно се проблемите и како да излеземе од овој процес најдобро, за да имаме автопати. Ние сакаме да има автопати, а не да завршиме на арбитража.
360°: Лидерот Христијан Мицкоски најави финансиски пакет во соработка „влада со влада“ од околу 1 милијарда евра со исклучително поволни услови, грејс период, поволна каматна стапка… Можете ли да ни кажете за што станува збор, дали станува збор за кредит?
Мисајловски: Додека бевме нападнати од сите партии по икс причини изминатиот период, особено Христијан Мицкоски и ние како раководство на сите можни начини од СДСМ и ДУИ, ние разговаравме и преговаравме за програмата со многу влијателни држави, разговаравме со различни влади, разменувавме искуство и го стававме во програмата. И она што Христијан Мицкоски го правеше како лидер на опозиција, разговараше со различни влади за да направиме плус нешто за Македонија. Да дојдат нови инвестиции, нема да ги спомнам, но во најава се неколку, бидејќи фер е да не се спомнат. И од друга страна, како да имаме дополнителни средства како држава, спомнавте убаво „влада со влада“, со пријателски држави каде што негуваме односи отсекогаш и да се покаже дека ВМРО-ДПМНЕ има пријатели.
360°: Кредит?
Мисајловски: Да, се зборува за кредит и за заеми, но набрзо ќе ги слушнете сите детали.

360°: Имавте големи критики дека државата е презадолжена. Сега уште една нова милијарда?
Мисајловски: Видете, последните седум години имаме рекордно најголема задолженост. Но, најголем проблем не е тоа што се задолжија, туку тоа што никој нема увид за што се потрошени сите пари. Особено ако ги видите ставките на разни трансфери и ќе дојдете до заклучок дека имате распашана банда или команда и затоа треба прво одговорност за сето тоа што се правело. Ние не велиме дека првиот ден тоа ќе го направиме, прво треба да ги видиме бројките во институциите, да дадеме отчет до граѓаните транспарентно што се случува во Министерство за финансии, но и сите оние институции коишто зеле кредити и потоа да го кажеме нашиот план.
360°: Дали станува збор за Ексим-банката на Унгарија која е целосно во државна сопственост?
Мисајловски: Набрзо ќе ги знаете сите детали, оставам на мандатарот, односно новиот премиер да ги каже.