Како причина за исфрлувањето се шпекулира дека е наводен инцидент со вработена во организацискиот дел од Евровизија, што во моментов е предмет на истрага на шведската полиција
Холандскиот претставник Јост Клајн нема да биде дел од финалната вечер на избор на песна на Евровизија што треба да се одржи вечерва во шведскиот град Малме, соопшти организаторот на настанот, Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Оттаму кажаа и дека тие имаат политика на нулта толеранција за вакви инциденти.
„Сакаме безбедна работна средина за сите вклучени во фестивалот. Однесувањето на Јост е спротивно на нашите правила. Затоа сега има само 25 кандидати во финалето, соопшти ЕБУ. Организаторите, исто така, посочуваат дека за разлика од она што некои (социјални) мрежи го објавуваат, не станува збор за инцидент во кој е вклучен уметник или член на делегација“,
велат од ЕБУ.

Националната новинска агенција на Холандија, АНП, соопшти дека според нивните информации се истражува наводен инцидент на пејачот со вработена во Евровизија и дека полицијата започнала темелна истрага за конкретниот случај.
Ова е првпат во историјата на Евровизија претставник на некоја земја да биде дисквалификуван за време на настанот. Клајн требаше да настапи како петти во финалето со песната „Европапа“.