Во своите објави на Фејсбук, тие велат дека резултатите од изборите, на кои Социјалдемократскиот сојуз загуби, се поттик за промени и за реформирање на партијата

Двајца потпретседатели на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Фатмир Битиќи и Перо Костадинов, си поднесоа оставки од партиските функции, кратко по објавувањето на резулатите од вчерашните избори на кои нивната партија загуби.
Одлуките за поднесените оставки, Битиќи и Костадинов ги објавија на своите профили на Фејсбук.
Битиќи, кој е и вицепремиер за економски прашања во владата во заминување, а беше и носител на кандидатската листа во Изборната единица 2, во објавата вели дека оставката не претставува политички чин на загуба на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување на СДСМ.
Битиќи вели дека неговата оставка ќе биде целосно ефикасна кога и другите колеги што го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото, „од прв до последен“.
„Гласовите што ги добивме се и голема обврска. Обврска за продолжување на нашата политичка мисија, зајакнување на дијалогот и слушање на потребите на нашите граѓани. Но, дел од исполнувањето на оваа обврска бара и политичка одговорност, бара промена. Во текот на мојата политичка кариера, барав лична одговорност од сите фактори – а овој чин е токму тоа. И оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и отворање на патот кон идниот политички успех“,
пишува Битиќи.
Според Битиќи, прифаќањето на политичката одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност за промена и растење – и да се даде приоритет на колективниот интерес.
„Повторно да се вратиме меѓу граѓаните, да го слушаме нивниот пулс и да ги разбереме нивните потреби кои се нашите социјалдемократски вредности. Само на овој начин можеме да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергии кои можат да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ, за да се вратиме високо во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и ние сме должни да го исполниме тоа“,
додава Битиќи во објавата.
Неговиот партиски колега Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, во својата објава вели дека на овој чекор се решил по објавувањето на изборните резултати од гласањето на кое, како што напиша, граѓаните гласале на демократски избори и на слободен начин ја изразиле сопствената волја.
„Како држава, можеме да продолжиме напред само преку заедништво и добронамерност. Потребни ни се внатрешни и надворешни партнерства, силни институции и интеграција на земјата во ЕУ. Сонот за подобар живот дома, е на сите нас“,
пишува Костадинов.
Според него, СДСМ ќе се реформира, затоа што му е неопходен на општеството. Тоа, како што вели Костадинов, ќе го направи како државотворна партија која секогаш ја негува демократијата, ја гарантира слободата на граѓаните и никогаш не поттикнува меѓуетнички судири.