Првата фаза од тендерот за 40 нископодни еколошки автобуси за Скопје е завршена. Наскоро треба да почне втората фаза на набавката вредна 10 милиона евра, која ја спроведува Европската банка за обнова и развој.
Според правилата на тендерската постапка, тоа значи дека се разгледани пријавите на заинтересираните продавачи и дека се избрани квалификувани компании кои ќе можат да поднесат финансиска понуда во втората фаза.
Официјално, од ЕБРД не откриваат детали меѓу кои компании ќе се бира, односно кои се потенцијалните брендови на автобуси во кои наскоро ќе се возат скопјани.
– Сè уште сме во фазата на избор и затоа не сме во можност да обелодениме какви било информации поврзани со постапката за набавки за автобусите. Во моментот кога ќе биде избран соодветниот оператор, информацијата ќе биде јавно објавени, согласно политиките за набавки и правилата на Банката“ – изјави за 360 Степени официјално лице од ЕБОР.
Тендерот за 40 нови еколошки автобуси за ЈСП беше објавен на 18 март 2019 година. Компаниите имаа време до 24 мај за да го изразат својот интерес. Според деталите објавени на интернет страницата на ЕБОР, очекувано е договорот да започне на 8 јули 2019 година и да се реализира за околу 9 месеци. Ако нема значителни одложувања, тоа значи дека скопјани се возат во новите еколошки автобуси почнувајќи од март 2020 година.
Очекуваните автобуси се наречени еколошки, бидејќи нивното погонско гориво ќе биде CNG гас, односно метан. Споредено со дизелот или бензинот, при согорувањето CNG гасот испушта значително помалку штетни материи во воздух.

ЈСП Скопје и досега имаше автобуси на гас, но тоа беа пред се постари возила кои беа модифицирани. Изминатава година, во сообраќај беа тестирани и два еко – автобуси на гас, на линиите број 2 и број 5. На линијата со број 15 сообраќа и електричен автобус, кој воопшто не испушта издувни гасови што го загадуваат воздухот.