Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се сретне со претседателот на Бугарија, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ рече дека засега не може да каже, но потсетувајќи на нејзините претходни изјави во текот на кампањата, додаде дека првите средби како шеф на државата би сакала да ги има со соседите
Се надевам дека граѓаните ќе сфатат дека избирачкото право е едно од најважните политички право и оти ќе го искористат и изберат кандидатот за претседател на државата по своја мерка, изјави кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, откако гласаше на двојните избори на гласачкото место во Основното училиште „Коле Неделковски“.

Говорејќи за евроинтегративните процеси на земјава, таа во изјавата за медиумите рече оти очекува од Бугарија, како членка на Европската Унија, да го следи примерот на Шведска, Данска и Финска, кои, како што посочи, биле главни поддржувачи на балтичките земји Летонија и Естонија на нивниот пат за членство во ЕУ.
„Значи, оној што е напред, да ни го покаже патот, со нас да чекори заедно по патот. Мислам дека тогаш нема да има ниту една причина ние да не се почитуваме, да не соработуваме во сите области, не само во мојата, туку и во политиката. Значи јас сум, се разбира, предодредена да соработувам со бугарските колешки и колеги, немам друга алтернатива“,
изјави меѓу другото Силјановска – Давкова.
Одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се сретне со претседателот на Бугарија, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ рече дека засега не може да каже, но потсетувајќи на нејзините претходни изјави во текот на кампањата додаде дека првите средби како шеф на државата би сакала да ги има со соседите.
„Не можам да кажам сега, не знам. Меѓутоа, една од моите први изјави беше дека јас нема да патувам ниту во Брисел ниту по светот, освен ако не ме викнат и дека првите средби би сакала да ги имам со соседите бидејќи ние мора да градиме регионална политика. Само така и во ЕУ ќе бидеме посилни и од кого да очекувам јас разбирање и помош, ако не од соседите“,
изјави Силјановска-Давкова.