Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој доаѓа од владејачата ГЕРБ на премиерот Борисов и се смета за влијателен во поставувањето на бугарската политика во овој сегмент, во интервју за „360 степени“ вели дека македонскиот идентитет и јазик нема да загубат ништо ако Македонија ја прифати, како што вели, историската вистина.
„Постојано се чудам што има некои во Македонија што се зачудени. Рамковната позиција на Бугарија и Декларацијата на бугарскиот парламент одамна се познати. Со бугарската бна позиција веќе со децении се запознати сите македонски политичари и оние што биле на власт и во опозиција. Сум имал средби и со Груевски и со Мицкоски и со Заев, апсолутно со сите и тие многу добро знаат која е бугарската позиција. Да, треба да има напредок. Бугарија нема како да се согласи во ЕУ да влезе држава која својата национална доктрина или идеологија ја темелела на фалсификувана историја. Македонскиот идентитет, македонскиот јазик нема да загуби ништо, ниту уважувањето на Северна Македонија ќе биде помало ако таа ја прифати вистината“,
вели Ковачев.
Кога станува збор за историјата впечатокот е дека и покрај прифатената позиција од македонска страна дека треба да се разговара за одредени личности и настани од заедничката историја и за расчистување на „сивите зони“, Бугарија сака да ја наметне тезата дека станува збор за една иста историја на еден ист народ, кој, како што велат во Софија, бил разделен од југокомунистите.
„Извинете, нема споделени личности. Тоа е еден народ – Христо Татарчев, Гоце Делчев, Дамјан Груев, сите востаници, огромниот дел од населението на целата географска област Македонија и во Егејска и во Пиринска и во Вардарска Македонија, тоа е една историска обшност која се самоопределила како Бугари, не затоа што тоа јас или Бугарсија го бара или тоа била рамковна позиција на Бугарија, туку затоа што тоа се историските факти од соодветната епоха. Затоа и во Договорот за добрососедство е запишано дека таа комисија треба да работи според историските факти, спомените од таа епоха“,
тврди Ковачев.
Тој реагира и на последното интервју на шефот на државата за „360 степени“ во кое Пендаровски се осврна на прашањето на споделена, заедничка историја.
„Претседателот Пандаровски вели дека клучниот збор во Договорот е „споделена“ историја? Тоа не е точно – клучен збор во Договорот е заедничка изторија! Така пишува во Договорот. Дали г-динот Пендаровски се повлекува и од Договорот?“,
прашува Ковачев.
Бугарскиот европратеник настапува и со многу тврди позиции за прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев за кое решение во заедничката историка комисија меѓу Македонија и Бугарија не е нути на повидок.
„Со каков народ бил населен Кукуш кога во бугарско семејство, од бугарска мајка, од бугарски татко се родил Гоце Делчев? Во какво училиште учел, одел во военото училиште во Софија каде се образувал за да биде бугарски офицер… какви се спомените, зашто од прашањата гледам дека сакате да зборуваме за Гоце Делчев, на луѓето кои биле со Гоце Делчев? Какви спомени и писмени докази оставил тој за својот идентитет? Тука нема никакво разногласие дека по својата етничка припадност Делчев му припаѓал на бугарскиот народ“,
е тезата на Ковачев.
За македонскиот јазик влијателниот европратеник вели дека е современа реалност, но и дека таа современа реалност има недвосмислени бугарски корења.
„Ние немаме проблеми со современата реалност. Овде зборуваме за интерпретацијата. Кога станува збор за современите реалности тогаш не можеме да зборуваме за… Или кога некој во Македонија се обидува да претстави дека постоел македонски јазик во минатото – во 18, во 19 век заедно со бугарскиот јазик. Современиот македонски книжевен јазик е базирана на бугарските наречја, на бугарските говори и како резултат на тоа е кодифициран во 1944-1945 година. Оттука, од бугарска страна нема реакција зашто бугарската позиција е да се признае историјата дека сме биле еден народ кој по историските случувања пред и по Втората светска војна ги разделил комунизмот, југокомунизмот… Биле разделени со многу насилство и затоа сега имаме современи реалности. Проблемот е во интерпретацијата на историјата која потекнува од југокомунизмот. Видов многу реакции во Македонија на македонските социјални мрежи кои, за жал, ја повторуваат омразата која ја ширеле југокомунизмот, Тито, бивша Југославија против се што е поврзано со Бугарија“,
вели Ковачев.
Тој не се согласува нити со настапите на лидерот на опозицијата. Ковачев го прашува Христијан Мицкоски како со такви настапи планира да биде премиер кој ќе разговара со Бугарија.
„Не можев да си поверувам на ушите дека лидерот на партија што го носи името `ВМРО` и претендира на историјата на оваа бугарска, револуционерна организација за ослободување на Македонија и Одринско од османлиското владеење, зборуваше за такви смешни и фантастични работи за македонскиот Бугарин од бугарскиот град Кукуш – Георги (Гоце) Николов Делчев и воопшто против Бугарија. Ова е многу тажно и патетично! И еден апел до г-дин Мицковски, кој толку многу сака да биде премиер. Г-динот Мицковски, не користете ја темата Бугарија за политички дивиденди и избори за победа, не поттикнувајте омраза против Бугарија. Ако навистина станете премиер со ваква политика, ја жртвувате европската иднина на вашата земја и иднината на помладите генерации, правејќи ги заложници на вашите политички амбиции. Како, како премиер, ќе разговарате со нас по овие остри зборови против Бугарија? Како ќе најдеме заеднички консензус со вас“,
тврди Андреј Ковачев.