Тешко дека Гоце Делчев, од чија смрт токму денеска се одбележуваат 117 години, вака ја замислувал иднината на регионот во кој се родил, живеел и за чија слобода се борел. Тој го разбираше светот како поле за културен натпревар меѓу народите, а денес сведочиме на битка за тоа – кој бил, каков е неговиот етнички и политички идентитет, кому му припаѓа неговото наследство.

Историска рампа за политички процес
А токму прашањата за Делчев и за други личности и настани од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век Бугарија не само што ги издигна на највисоко политичко ниво, туку и ги постави како услов без чие исполнување нема да дозволи напредок на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Ова не го изненадува ко-претседавачот од македонска страна на заедничката историска комисија со Бугарија, од која се очекува да ги реши отворените прашања.

„Сите недоразбирања што Бугарија ги има со Македонија во однос на историските контроверзи ќе настојува да ги реши во своја корист. Тој притисок веќе се чувствува и ќе станува силен, сметам дека Бугарија нема лесно да отстапи од тие свои позиции зашто може да ги наметнува и според неа таа има некои историски, помалку неоправдани барања кон Македонија. Бугарското врзување на просперитетот на Македонија со преговорите со ЕУ со успехот, работата на историската комисија мислам дека е контрапродуктивно за односите меѓу двете земји. Не може тие контроврезии од 7 децении да се решат во 2 до 3 месеци работа на комисијата“,
вели Драги Ѓоргиев, ко-претседавачот од македонска страна на заедничката историска комисија со Бугарија, од која се очекува да ги реши отворените прашања
Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој доаѓа од владејачата ГЕРБ на премиерот Борисов и се смета за влијателен во поставувањето на бугарската политика во овој сегмент, во интервју за „360 степени“ вели дека македонскиот идентитет и јазик нема да загубат ништо ако Македонија ја прифати, како што вели, историската вистина.

„Постојано се чудам што има некои во Македонија што се зачудени. Рамковната позиција на Бугарија и Декларацијата на бугарскиот парламент одамна се познати. Со бугарската позиција веќе со децении се запознати сите македонски политичари и оние што биле на власт и во опозиција. Сум имал средби и со Груевски и со Мицкоски и со Заев, апсолутно со сите и тие многу добро знаат која е бугарската позиција. Да, треба да има напредок. Бугарија нема како да се согласи во ЕУ да влезе држава која својата национална доктрина или идеологија ја темелела на фалсификувана историја. Македонскиот идентитет, македонскиот јазик нема да загуби ништо, ниту уважувањето на Северна Македонија ќе биде помало ако таа ја прифати вистината“,
тврди бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.
Споделена или иста историја
Кога станува збор за историјата впечатокот е дека и покрај прифатената позиција од македонска страна дека треба да се разговара за одредени личности и настани од заедничката историја и за расчистување на „сивите зони“, Бугарија сака да ја наметне тезата дека станува збор за една иста историја на еден ист народ, кој, како што велат во Софија, бил разделен од југокомунистите.
„Извинете, нема споделени личности. Тоа е еден народ – Христо Татарчев, Гоце Делчев, Дамјан Груев, сите востаници, огромниот дел од населението на целата географска област Македонија и во Егејска и во Пиринска и во Вардарска Македонија, тоа е една историска реалност која се самоопределила како Бугари, не затоа што тоа јас или Бугарија го бара или тоа била рамковна позиција на Бугарија, туку затоа што тоа се историските факти од соодветната епоха. Затоа и во Договорот за добрососедство е запишано дека таа комисија треба да работи според историските факти, спомените … од таа епоха“,
вели Ковачев.
„Постигнавме договор за Цар Самоул, за Кирил и Методиј, за Свети Наум и Свети Климент, па дури и за Григор Прличев од кој подоцна се откажа Бугарија. За година и пол работа, постигнување договор за 4-5 личности, мислам дека е извонреден успех. А сега да се инсистира да се постигне договор за плејада личности во краток период е нереално. Истовремено, мислам дека големиот број личности и настани кои би се славеле заеднички меѓу Македонија и Бугарија, исто така, би било контрапродуктивно. Не можеме да дозволиме секој месец славење за некоја личност со Бугарија“,
е ставот на Ѓоргеив.

Ако имаше договор за овие неколку важни личности, компромис не е ниту на повидок за прашањето за Гоце Делчев и неговите лик и дело.
„Со каков народ бил населен Кукуш кога во бугарско семејство, од бугарска мајка, од бугарски татко се родил Гоце Делчев? Во какво училиште учел, одел во военото училиште во Софија каде се образувал за да биде бугарски офицер… какви се спомените, зашто од прашањата гледам дека сакате да зборуваме за Гоце Делчев, на луѓето кои биле со Гоце Делчев? Какви спомени и писмени докази оставил тој за својот идентитет? Тука нема никакво разногласие дека по својата етничка припадност Делчев му припаѓал на бугарскиот народ“,
вели Ковачев.
„Дебатата за идентитетот на Делчев ќе продолжи и понатаму, но мое лично мислење е дека нема проблем тој заеднички да се чевствува. Делчев е национален херој и во Македонија и во Бугарија, значи тој е споделена личност меѓу двата народа и меѓу тие два наратива. Но, од друга страна, Делчев кај Македонците е најголем историски мит – за Макеонците не постои поголем мит од Делчев. Тој е национален херој и за Бугарија, но таму на пантеонот, на врвот е Левски, па Христо Ботев, Делчев е некаде подолу. Ако се направи анализа ќе се види дека митот за Делчев е поприсутен кај Бугарите кои потекнуваат од Македонија, кои имаат македонско потекло. Митот за Делчев не е толку силен кај Бугарите кои немаат врски, корени со Македонија. Оттука, одвојувањето на Делчев од Македонија со нивното инсистирање да признаеме дека бил Бугарин од македонскиот народ е невозможно“,
анализира Ѓоргиев.
Македонскиот јазик е современа реалност ама базирана на бугарски наречја?
Прашањето за македонскиот јазик не било отворено во историската комисија. Би било апсурдно тоа да се случи, вели Ѓеоргиев, аргументирајќи дека со кодификацијата таа тема е затворена и нема зошто за неа да зборуваат историчари. И Ковачев вели дека македонскиот јазик е современа реалност, но и дека таа современа реалност има недвосмислени бугарски корења.
„Ние немаме проблеми со современата реалност. Овде зборуваме за интерпретацијата. Кога станува збор за современите реалности тогаш не можеме да зборуваме за… Или кога некој во Македонија се обидува да претстави дека постоел македонски јазик во минатото – во 18, во 19 век заедно со бугарскиот јазик. Современиот македонски книжевен јазик е базирана на бугарските наречја, на бугарските говори и како резултат на тоа е кодифициран во 1944-1945 година. Оттука, од бугарска страна нема реакција зашто бугарската позиција е да се признае историјата дека сме биле еден народ кој по историските случувања пред и по Втората светска војна ги разделил комунизмот, југокомунизмот… Биле разделени со многу насилство и затоа сега имаме современи реалности. Проблемот е во интерпретацијата на историјата која потекнува од југокомунизмот. Видов многу реакции во Македонија на македонските социјални мрежи кои, за жал, ја повторуваат омразата која ја ширеле југокомунизмот, Тито, бивша Југославија против се што е поврзано со Бугарија“,
тврди Ковачев.
„По мене најголем успех што може Бугарија да постигне е во некоја фуснота да стои дека Бугарија го признава македонскиот јазик според Уставот на Северна Македонија. Тука би било најголемото попуштање на ЕУ. Се друго би било пораз за ЕУ, па дури би бил и порадикален, ако условот е да кежеме дека тој јазик не постои, тогаш јас не би ги ни почнал преговорите со ЕУ“,
аргументира Ѓоргиев.

Последниот јавен настап на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, како да донесе смирувачки тонови од Софија и како да ја навести насоката во која Бугарија ќе се обиде да го турка излезот од оваа ситуација – тие да ја признаат историјата, а ние да ја прифатиме тамошната реалноста, сумираше Захариева. Притоа, призна дека македонизмот не почнува од 1944 година, како што многупати досега сме слушале од Софија, туку рече дека тие процеси одат барем уште три децении наназад и траат повеќе од сто години.