„Ќе избереме добро или зло; вистина или лага; светлина или темнина; живот вечен или духовна смрт; Бога или ѓаволот?“, прашува владиката Петар во пресрет на двојните избори

Не стивнуваат политичките пораки на митрополитот преспанско-пелагониски г. Петар ниту за Велигден.
Во велигденското послание, г. Петар, честитајќи го големиот христијански празник, кажа и дека во оваа светла воскресенска седмица, во нашата земја Македонија се одржуваат избори на кои граѓаните ќе изберат претседател и пратеници.
Нашиот народ е мудар и знае да направи правилен избор, вели, меѓу другото, тој.
На верниците им порача дека се должни да гласаат.
„Граѓаните, пак, особено оние од православна вера, секогаш да имаат при ум дека се царско свештенство и избран народ, и затоа должни се да гласаат и изберат претставници и водачи коишто се одликуваат со морални вредности и ги исполниле или ќе ги исполнат ветувањата, за да не се случи втората измама да биде полоша од првата, т.е. слепец слепи да води. Во спротивно, гласачите виновни ќе бидат пред својата совест, која е гласот Божји во човекот“,
кажа г. Петар.
Тој вели дека како слободни битија, го поседуваме дарот на слободната волја и имаме можност слободно да одлучуваме и избираме од најмала возраст.
„Така, избиравме која играчка ја сакаме, со кои другарчиња ќе играме и ќе се дружиме, кој спорт ќе го избереме, во кое училиште ќе се запишеме, на кој факултет ќе студираме, кого или која ќе ги избереме за брачен другар/ка, какво возило, стан или куќа ќе купиме итн. Сето ова е во ред. Но, пред секој човек, пред секој од нас, во овој живот, се поставени неколку клучни избори: ќе избереме добро или зло; вистина или лага; светлина или темнина; живот вечен или духовна смрт; Бога или ѓаволот?“,
кажа тој.
Владиката Петар е познат по скандалозните говори и политички пораки со кои предизвикува реакции во јавноста.