Мицкоски вели дека државата ќе мора да се ослободи од ропството на ДУИ и нагласи дека повеќе ќе нема, како што рече, „голобради момчиња кои купуваат трговски центри за десетици милиони евра, ќе нема луѓе кои затоа што се блиски до раководството на ДУИ кои ќе возат ‘ролс ројс’, ‘мерцедес’, фирми кои ќе книжат милиони добивка на својата сметка“

На неколку дена пред гласањето на двојните избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека претседателските избори ќе завршат како што треба и 100 отсто е сигурен оти кандидатката Гордана Силјановска-Давкова ќе биде избрана.
Мицкоски во вечерашното телевизиско гостување во дневникот на телевизија Сител рече дека не сака да зборува за бројки, но очекува победа и напомена дека идната претседателка би имала повеќе од 500 илјади гласа, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ би имале 55 пратеници.
Мицкоски, одговарајќи за денешните информации што ги изнесе во јавноста дека имало изборни нерегуларности од страна на Демократската унија за интеграција (ДУИ), рече дека тоа е притисок и состојба во која сите тие заедно артикулираат една позиција која не е во склад со демократијата.
Прашан оти води остра реторика кон ДУИ во изборната кампања и дали постои шанса да ја смени, Мицкоски одговори „мислам дека луѓето ме научија дека не сум човек што така лесно ја менува плочата“.
„Како да правиме коалиција со луѓе кои на насилен начин се обидуваат да ја освојат волјата на граѓаните“,
рече Мицкоски.
Околу можноста ДУИ да оди во опозиција и стравот кај граѓаните, како што рече водителот, за повторни немири во државата и повторување на сценариото од 2001 година, Мицкоски рече „не смееме да се плашиме од закани на криминални политичари“.
„Ништо посебно нема да се случи ако ДУИ оди во опозиција“,
додаде тој.
Според него, живееме во една ситуација во која општеството е во постојан страв, а не треба да е така.
„Луѓето од ДУИ сакаат да се закануваат. Заканите што доаѓаат од ДУИ не се закани под кои ние треба да одиме чекор назад и да се плашиме. Тоа се закани во немоќ, закани на криминалци кои се плашат да нè одговараат за тоа што го создадоа во Македонија. Народот да одлучи во каква држава сакаат да живееме“,
рече тој.
Мицкоски вели дека државата ќе мора да се ослободи од ропството на ДУИ и нагласи дека повеќе ќе нема, како што рече, „голобради момчиња кои купуваат трговски центри за десетици милиони евра, ќе нема луѓе кои затоа што се блиски до раководството на ДУИ кои ќе возат ‘ролс ројс’, ‘мерцедес’, фирми кои ќе книжат милиони добивка на својата сметка“.
Околу можните коалиции со другите опозициски партии и најавите што излегуваат за можни договоарања околу распределба на позиции во идната влада, Мицкоски рече дека сега не му паѓа на памет да разговара за некакви позиции.
За тоа дали по првиот круг од претседателските избори разговарал со Максим Димитриевски и околу повикот од почетокот на кампањата да нема напаѓање на Левица и на ЗНАМ, Мицкоски рече дека никој не се одзвал на апелот. Но, сепак, како што додаде, ќе го повика за соработка секој што има антивладино расположение и им порача на Левица и Максим Димитриевски конечно да се охрабрат и да застанат зад идниот претседател Гордана Силјановска-Давкова.
На прашањето дали очекува да има цензус, Мицкоски вели дека ДУИ работи на бојкот и на тоа да не успеат претседателските избори и тоа не е тајна, но тоа, додаде, е нивна одлука и мислат дека на тој начин ќе калкулираат со некаква можност да одлучуваат за некои работи. Но, тоа, како што рече, е погрешно.
Прашан за последните информации што ги изнесоа од партијата оти вицепремиерот Фатмир Битиќи им пишувал на компаниите да гласат за СДСМ затоа што добиле државна помош, Мицкоски рече дека тоа е скандалозно и побара обвинителството да покрене истрага и да докаже дека не е партизирано.
„Шокантно беше сето тоа, затоа што во минатото ќе потсетам имаше еден случај кој се нарекуваше ‘Траекторија’ во којшто луѓе одговараа за нешто кое не го сториле, односно дека прибавиле некаква политичка добивка, затоа што ја злоупотребиле својата положба согласно КЗ член 353. Денеска имаме ние писмо кое го испраќа вицепремиерот на влада во кое вели дека тој како вицепремиер се заложил да добијат некаков начин на добивка и во име на тоа бара од нив да го дадат гласот за него“,
рече Мицкоски.
Мицкоски нагласи дека ако во минатото се случувало да обвинителството покрене истрага против лица што оствариле политичка добивка, тогаш не гледа зошто не би го направиле и сега.
„За жал, од обвинителството засега нема ни трага ни глас, а треба да покрене истрага. Ако не се случи тоа, тогаш се потврдува нашата теза за октроирано и партизирано обвинителство“,
изјави Мицкоски.