„Постојано говорев дека тој политички субјект е направен за лична корист и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. На ист начин како што беа направени политичкиот субјект НСДП и Демократска алтернатива“, рече лидерот на СДСМ

Лидерот на Социјалдемократски сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, вечерва им се заблагодари на Движењето ЗНАМ и на нејзиниот лидер Максим Димитриевски за тоа што застанале со ВМРО-ДПМНЕ давајќи поддршка за Гордана Сиљановска-Давкова.
Според Ковачевски, со тоа паднале маските и се разјасниле дилемите.
„На тој начин паднаа маските. Постојано говорев дека тој политички субјект е направен за лична корист и поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. На ист начин како што беа направени политичкиот субјект НСДП и Демократска алтернатива“,
рече Ковачевски на вечерашниот митинг во Македонски Брод.
Претседателот на СДСМ додаде дека на крај тие и нивните поддржувачи ќе бидат отфрлени и заборавени, па ќе треба да се вратат во СДСМ која, вели тој, секогаш ќе биде стожерна, најсилна и најголема социјалдемократска партија во Македонија.
„На 8 мај има само една социјалдемократска опција и само една лева прогресивна опција, која се вика Социјалдемократски сојуз на Македонија“,
рече Ковачевски.
Пред Ковачевски денеска остри пораки си разменија и вицепремиерот Бојан Маричиќ и лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски.
Откако Маричиќ го нарече движењето на Димитриевски дериват-партија, која е создадена да ѝ помогнеме на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, лидерот на ЗНАМ му врати дека вистинските социјалдемократи се со него и обвини дека СДСМ ќе ја уништи социјалдемократијата во целост.