Од ДИК велат дека вкупно треба да бидат дистрибуирани околу 3 600 000 гласачки ливчиња и оти досега не се евидентирани никакви проблеми при дистрибуцијата на избирачкиот материјал

Дистрибуцијата на гласачките ливчиња за претстојните парламентарни и претседателски избори, кои се закажани за 8 мај, почна денеска.
Како што информираат од Државната изборна комисија (ДИК), дистрибуцијата е почната од печатницата „Киро Дандаро“ во Битола во присуство на полицијата и се очекува да заврши до крајот на денот.
Од ДИК велат дека вкупно треба да бидат дистрибуирани околу 3 600 000 гласачки ливчиња и оти досега не се евидентирани никакви проблеми при дистрибуцијата на избирачкиот материјал.
За испечатените гласачки ливчиња биле потрошени 40 тони на хартија, а самото ливче има 20 заштитни знаци и се испечатени на високософистицирани машини. Печатењето на изборниот материјал се одвивало 15 дена и се одвивало во присуство на стручни лица од ДИК и ОБСЕ .
„Сега многу поефикасно од вообичаено го дистрибуиравме и доверливиот изборен материјал со кој мора да се внимава како се дистрибуира. За дистрибуцијата се формирани 20 тима, што значи дека побрзо ќе се одвива работата, навреме ќе биде дистрибуиран и ќе има време да се направат сите проверки за на денот на гласање да немаме проблеми“,
вели претседателот на ДИК, Александар Даштевски, кој додаде дека се успешно е завршено.
Даштевски пред два дена најави дека за овие избори дистрибуцијата на избирачкиот материјал е порано поради празникот Велигден, а општинските изборни комисии се должни на избирачките одбори да им го предадат во вторник, еден ден пред гласањето.
На вториот круг од претседателските избори право на глас имаат 1 814 317 избирачи, а на парламентарните избори 1 815 350 избирачи.