
Продолжуваат острите пораки на релација СДСМ-ЗНАМ. Откако вицепремиерот Бојан Маричиќ го нарече движењето на Димитриевски дериват-партија, лидерот на ЗНАМ му врати дека вистинските социјалдемократи се со него.
Тој обвини дека СДСМ ќе ја уништи социјалдемократијата во целост.
„Ние не менуваме страни, ние за разлика од сите нив имаме став, а тие решија да ја уништат социјалдемократијата во целост грижејќи се за сопствените функции и позиции со тоа што се ставија самите себе на добитни места на пратеничките листи кои се за обезбедување имунитет на сите оние што учествуваа во тешки кривични дела во државата за кои треба да сносат одговорност, а воедно со тоа даваат лош пример на реалните социјалдемократи“,
изјави Димитриевски денеска од Куманово.
Тој се обрати и директно до претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
„Сакам да го прашам Ковачевски каде беше додека режимот на Груевски ја газеше Македонија, додека пратеници беа исфрлани од Собранието, додека луѓе маршираа по улици и се бореа за демократија и праведно општество, каде беше Ковачевски кога крвави излеговме од Собранието. Да прашам, дали беше во друштво на Мијалков и Груевски во свечената ложа на Македонската филхармонија каде што уживаше во претставите. Дали тогаш беше вистински социјалдемократ како што денеска глуми загрижен социјалдемократ. Воедно, да го прашам дали таа социјалдемократија за која се бори, всушност, е истата којашто се откажа од Гоце Делчев, ги избриша асномските повелби од Уставот на Македонија“,
праша Димитриевски.
Инаку, денеска вицепремиерот и секретар за меѓународна соработка на СДСМ, Бојан Маричиќ, обвини дека ЗНАМ е дериват-партија – создадена да помогне за ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт.
Маричиќ кажа и дека рано е да се прогнозира кој колку пратениците ќе освои во парламентот. Без разлика и на тоа кој ќе ја освои власта, порача дека СДСМ како партија ќе биде бедем кој ќе ги брани слободата и демократијата, социјалната правда и патот на европските интеграции во Собранието.
„Сето она што ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ планираат да го загрозат. Ние сме автентична партија, не сме дериват на ниту една друга политичка партија, ниту сме создадени да помогнеме на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, како што е случајот со ЗНАМ и Максим Димитриевски“,
изјави тој.