Само што ја поддржавме, тоа по моја проценка беше контингент од речиси 30-40 илјади гласа кои нè послушаа и ако се сеќавате Силјановска во вториот круг доби 60 000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш потоа благодарноста од ДПМНЕ стигна со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија, кажа Апасиев во гостување на емисијата „Стадион“ на Канал 77 денеска

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, најави дека нема да бара од гласачите да ја поддржат кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, како што било случај на претходните претседателски избори во 2019 година.
За тогашната поддршка наместо благодарност од ВМРО-ДПМНЕ добиле медиумска блокада, обвини Апасиев.
„Ако се сеќавате, еднаш се изгоревме со поддршка на професорката Силјановска и вторпат нема да ја направиме таа грешка. Само што ја поддржавме, тоа по моја проценка беше контингент од речиси 30-40 илјади гласа кои нè послушаа и ако се сеќавате Силјановска во вториот круг доби 60 000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш потоа благодарноста од ДПМНЕ стигна, со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија и веќе петта година не ми пренесуваат изјава“,
кажа Апасиев при денешното гостување во емисијата „Стадион“ на Канал 77.
И кандидатката за претседател на Левица, професорката Билјана Ванковска, во објавите на својот профил на Фејсбук во неколку наврати посочува дека имаат различни ставови и погледи со кандидатката Силјановска – Давкова, како и дека нема да гласа за неа.

Левица на актуелните претседателски избори првпат излезе со своја кандидатка, но Ванковска со вкупно освоени 41 331 глас не успеа да обезбеди пласман за вториот круг, во кој одат Стево Пендаровски и Гордана Силјановска-Давкова.

Во однос на кандидатот поддржан од СДСМ, Стево Пендаровски, Апасиев смета дека нему му е сеедно дали ќе победи на претседателските избори зашто веќе му следува претседателска пензија.
Апасиев кажа и цени дека цензусот за претседателските избори ќе биде обезбеден, додека за евентуалните владини коалиции по парламентарните избори вели дека рано е да е прогнозира.