До претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ/ОДИХР, доставивме список на избирачки места, каде што во определен временски интервал гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува дека таму имаме полнење кутии и на тие избирачки места, чудно, но вистинито, апаратите за отпечаток од прст не работеле во тој период, тврди Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, тврди дека ги известил меѓународната заедница и претставници на ОБСЕ/ОДИХР за изборните нерегуларности на дел од гласачките места во првиот круг од претседателските избори.
Тој обвинува дека нерегуларностите се дело на членови на ДУИ.
„Ако ме прашувате за изборните нерегуларности кои беа случај во првиот изборен круг, а за кои причина беше ДУИ, јас очекувам такво нешто да се случи и во вториот круг. Ние до претставниците на меѓународната заедница, до ОБСЕ/ОДИХР, доставивме список на избирачки места, каде што во определен временски интервал гласањето е во просек помалку од една минута, што наведува дека таму имаме полнење на кутии и на тие избирачки места, чудно, но вистинито, апаратите за отпечаток од прст не работеле во тој период“,
кажа Мицкоски денеска на новинарско прашање во однос на наводите за изборни нерегуларности на 24 април.
Тој кажа и дека очекува истото да се повтори и на гласањето в среда.
„Очекуваме нешто слично да се случува и во вториот круг, но ние сме подготвени, го информиравме и МВР да ги засили своите припадници таму. Генерално, станува збор за избирачки мета во скопски Сарај, Липково, Арачиново итн. Треба граѓаните да знаат дека ДУИ преку своите политики не ги освојува гласачите, туку таа буквално под притисок и со мерки и средства недозволени за демократијата ги добива гласовите, така што слободно можете резултатите од првиот круг на Европеецот Османи да ги поделите со два и ќе ја добиете реалната поддршка на ДУИ“,
рече Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека ДУИ повеќе од 20 години на два начина добива гласови – со епска манипулација и повикување на 2001 година и паралелно местење тендери и второ, преку местенки, закани и поткуп.
„Ја повикувам и меѓународната заедница да не го факторизира криминалот на ДУИ, бидејќи тие сега истураат огромни количини кеш, а потоа на тој начин сакаат да бидат дел од Владата за повторно да ги вратат тие колични кеш. Меѓународната заедница будно да го следи процесот, ова ги поминува условите во определени места во многу понеискусни демократии од македонската. Можам да кажам дека високи функционери, дури и членови на Владата го прават ова, придружувани од припадници на МВР коишто се легитимираат кога ќе бидат фатени во процесот кога се случуваат овие притисоци и поткупи“,
рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со партиска делегација денеска положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје по повод 121 година од смртта на македонскиот револуционер.
Говорејќи по тој повод, во изјава за медиумите Мицкоски посочи и дека националното и општествено обединување ќе бидат императив по 8 мај – денот кога се закажани парламентарните и вториот круг од претседателските избори.