Генералната директорка на УНЕСКО Одри Азулеј, рече дека со наградата се оддава почит за храброста на новинарите во тешки и опасни околности
Палестинските новинари кои известуваат за војната во Газа ја добија наградата со која се слави слободата на медиумите, објави УНЕСКО, Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации.
Светската награда за слобода на медиумите на УНЕСКО/Гилермо Кано за 2024 година им беше доделена на палестинските новинари синоќа во Чиле.

„Во овие времиња на темнина и безнадежност, сакаме да споделиме силна порака за солидарност и признание до оние палестински новинари кои ја следат оваа криза под такви драматични околности. Како човештво, имаме голем долг кон нивната храброст и посветеност на слободата на изразување“,
рече претседателот на жирито Маурицио Вајбел.
Генералната директорка на УНЕСКО Одри Азулеј, рече дека со наградата се оддава почит за храброста на новинарите во тешки и опасни околности.
„Уште еднаш оваа година, наградата не потсетува на важноста на колективната акција за да се осигураме дека новинарите ширум светот можат да продолжат да ја вршат својата основна работа за известување и истражување“,
изјави Азулеј.
Според Комитетот за заштита на новинарите (ЦПЈ) со седиште во Њујорк, најмалку 97 новинари и медиумски работници се меѓу повеќе од 35 000 убиени од почетокот на војната на 7 октомври.
Од 1 мај досега се пријавени уште 16 повредени, четворица се водат за исчезнати, а 25 се уапсени, соопшти ЦПЈ.
