„Ги повикуваме надлежните органи веднаш да постапат за одговорните за кражбата на гласови да бидат изведени пред лицето на правдата. По парламентарните избори на 8 мај режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата ‘Влен‘ како следна влада ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или да купува гласови“, рече Валбон Лимани од коалицијата „Влен“
Управниот суд вчера ја прифати жалбата на коалицијата „Влен“ за гласачкото место во Липково, каде што имало полнење кутии од страна на блиски луѓе на носителот на листа од ДУИ во оваа зона, со техника позната како „бугарски воз“.
Ова денеска на прес-конференција го изјави Валбон Лимани од коалицијата „Влен“, додавајќи оти во судската одлука стои дека тужбата на кандидатот за претседателските избори 2024 година Арбен Таравари е прифатена.

„Решението на Државната изборна комисија се преиначува и пресудува дека жалбата поднесена од страна на Арбен Таравари од Гостивар, кандидат за претседател на претседателските избори 2024 година преку овластениот застапник Абедин Абдули во врска со постапка за гласање, собирање и утврдување на резултатите од гласањето во избирачкото место 1112/1 во општина Липково, според листите за претедателски кандидат 2024 година се прифаќа. Резултатите од организирањето на гласањето во ова избирачко место се поништуваат“,
рече Лимани.
Со ова, како што рече тој, се докажува изборниот инженеринг на ДУИ за претседателските избори на 24 април.
„Ги повикуваме надлежните органи веднаш да постапат за одговорните за кражбата на гласови да бидат изведени пред лицето на правдата. По парламентарните избори на 8 мај режимот на ДУИ ќе се сруши. Коалицијата ‘Влен‘ како следна влада ветува дека ќе го санкционира секој обид на владата во заминување да краде или да купува гласови“,
вели тој.
На новинарско прашање дали коалицијата „Влен“ размислува да поддржи еден од кандидатите на претседателските избори во вториот круг и да ги повика гласачите да го пренасочат нивниот глас за тој кандидат, Лимани рече дека органите на коалицијата ќе заседаваат и ќе излезат со јасен став.
„Го цениме избирачкото право на гласачите кои гласаа за ‘Влен‘ во првиот круг. Правото на глас е право што секој граѓанин треба да го искористи без разлика дали му се допаѓа некој кандидат или не. Меѓутоа, пак ќе повторам дека пред сѐ е правото на избор на нашите гласачи кои гласаа за коалицијата ‘Влен’ во првиот круг“,
рече Лимани.
Одговарајќи на прашање за изјавата на Бујар Османи од коалицијата „Европски фронт“ дека инсистира ДУИ да биде во владата независно какви ќе бидат резултатите, Лимани рече дека коалицијата „Вреди“ прво ќе почекаат да завршат изборите на 8 мај, а потоа со работните групи на мандатарот ќе седнат на преговарачка маса.
„Општопознато е дека главната цел на ДУИ е секогаш власта, меѓутоа, по парламентарните избори на 8 мај, нашите работни групи со работните групи на мандатарот или, пак, на победничката партија во македонскиот блок ќе седнат и ќе се договорат околу наредната влада“,
рече тој.
Сепак, тој посочи дека треба да се почека до 8 мај, да се видат резултатите.
„Никој не може да се повика на победа или на пораз, затоа што имаме две различни ситуации каде што едниот блок е заедно со сите други етникуми, додека во нашиот блок ‘Влен‘ има само четири партии од еден етникум и никој не може да каже точно кој колку гласови добил за да има легитимитет да направи влада. Мислам дека на 8 мај граѓаните ќе го кажат своето и после тоа ќе ја имаме и новата влада“,
вели Лимани.