Од МВР и од ОЈО Скопје велат дека кај осомничениот 36-годишник, при претрес во домот каде престојувал, биле пронајдени и одземени различни наркотични средства

Триесет и шест годишниот И.Ј. доби 30-дневен притвор откако при претрес во домот каде престојувал во скопско Сопиште биле пронајдени и одземени различни наркотични средства.
При претресот на домот биле пронајдени и одземени марихуана, кокаин, амфетамин, семки од растение и три дигитални ваги со остатоци од дрога.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицето било приведено во текот на вчерашниот ден, а денеска е изведен пред пред судијата на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во траење од 30 дена во затворот во Шутка.
За случајот денеска информираа и од Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО).
„Кај осомничениот 36-годишник во Скопје била пронајдена и одземена наркотична дрога марихуана со вкупна нето маса од 56,40 грама и 15 семки кои потекнуваат од растение кое припаѓа на растителниот род канабис“,
се вели во соопштението од ОЈО Скопје.
Исто така, додаваат оттаму, биле најдени и одземени и еден шприц со остатоци од хашиш смола, едно полиетиленско пакување со наркотична дрога кокаин со вкупна нето маса од 10,40 грама, пет полиетиленски пакувања со психотропна супстанца – амфетамин со вкупна нето маса од 5,13 грама и едно полиетиленско пакување со психотропна супстанца MDMA со вкупна нето маса од 0,45 грама.
Дрогата и психотропните супстанции, велат од ОЈО, зедно со три дигитални ваги биле пронајдени и одземени од овластени службени лица.
