„Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, немаме ниту елементарна доверба да можеме да соработуваме со ДУИ. Така што, тие мора да одат во опозиција“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ
Жалам што сè уште раководството на ДУИ живее во некои времиња кои се минато во Македонија. Според Уставот, Македонија е држава на сите граѓани. Ниту е федерација ниту е би, три или четиринационална држава.
Ова денеска го рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата со претставниците на Стопанската комора на северосзападна Македонија (СКСЗМ) одговарајќи на новинарско прашање за ставот на коалицијата „Европски фронт“, кои посочиле дека не можат да бидат изоставени од идната влада бидејќи ќе бидат претставници на мнозинството немакедонски гласачи.

„Според демократијата, оној што има 61 пратеник ја формира идната влада во Македонија. Не знам како тие пресметале дека се претставници на мнозинското немакедонско население. Сите ние сме граѓани на Македонија, Македонци. Ценам дека политиката не треба да се гледа како шведска маса, па ДУИ сега ќе земе малку од СДСМ, малку ќе земе од ВМРО-ДПМНЕ, па малку ќе земе од некоја друга политичка партија. ДУИ беше 6,5 години со СДСМ во Владата. Тие се поразени на првиот круг на претседателски избори, очекувам да бидат поразени и после парламентарните избори и очекувам ДУИ да биде опозиција за неколку недели од денеска“,
рече Мицкоски.
Одговарајќи на новинарско прашање за изјавите на раководството на ДУИ дека без нив не може да се формира влада, како и за изјавите на Али Ахмети дека треба да се почитува мајскиот договор за коалицирање на победникот кај Македонците со победникот кај Албанците, Мицкоски рече дека тој договор не важи откако ДУИ го прекршила во 2017 година.
„Демократија се темели на принципот кој има мнозинство во парламентот, тој ја прави и Владата. Не знам за кој мајски договор зборува ДУИ, не знам за кое правило победник со победник. Имаше едно правило во минатото победник со победник кое е резултат на договор од минатото. Но тој договор и тоа правило, за жал, тие самите го прекршија уште во 2017 година. Доколку ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство, како што се очекува, немаме ниту елементарна доверба да можеме да соработуваме со ДУИ. Така што тие мора да одат во опозиција“,
рече Мицкоски.
Во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 вчера Мицкоски рече дека резултатите од првиот круг од претседателските избори претворени во пратенички места покажуваат 53 мандати за ВМРО-ДПМНЕ во новиот парламент, но дека нивните очекувања се оти ќе имаат по еден пратеник плус во секоја изборна единица на парламентарните избори на 8 мај.
Според него, актуелните анализи покажуваат зголемување на бројот на гласови за претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова и за коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.