„Сами нека си изберат тринаесет и ќе им кажеме – имате буџет толкав процент од БДП“, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во интервју за „360 степени“ на МРТ 1
Намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да се распушти сегашниот состав на Судскиот совет и сите 13 члена на ова тело да ги бираат судиите, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Дел од измените кои ги предлагаат се и фиксен буџет за ова тело.

Мицкоски: Сами нека си изберат тринаесет и ќе им кажеме – имате буџет толкав процент од БДП.
360°: А како е тоа гаранција дека Советот ќе функционира подобро?
Мицкоски: Ќе си има собраниска комисија што ќе прави ‘оверсајт’ на работењето. Во таа комисија ќе има претставници и од власта и од опозицијата. И ќе вршиме ‘оверсајт’ на работата на тоа тело. Немам намера да се мешам.
Мицкоски додава дека за овие предлози комуницирал и со претставници на меѓународната заедница. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма, според него, води кон поголема независност на Судскиот совет.
360°: Самите судии што досега се бирани со партиски влијанија, сега треба да изберат уште пет судии и треба да веруваме дека тие 13 на кредибилен начин ќе менаџираат со сферата.
Мицкоски: Сакате да кажете дека меѓу судиите и обвинителите кои би гласале, има некои кои по партиски клуч се поставени таму и можеби некои од партиите ќе им даде насоки како да гласаат. Ако тие дозволат таков тип на мешање во нивната одлука, тогаш тие се незрели луѓе. Еве јавно велам, ако бидам јас иден прв човек на владата, секој го има мојот број, ве молам – јавете ми се и кажете дали некој ве советува или некој ви кажува. Но, немојте да исклучите и друг тип центри на моќ, не се само партиите. Има и други центри на моќ кои, исто така, сакаат да имаат влијание во овие тела.