Додека беше жив, Гоце Делчев беше срцето на македонската револуционерна организација која се бореше за целосна политичка автономија на Македонија и на Македонците, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по повод 117-годишноната од смртта на Делчев.
„По неговата трагична смрт, Гоце Делчев стана срцевината на политичката идеја за македонската независност и неприкосновен идол на генерации Македонци кои се бореа за остварување на таа идеја. Борците од Првиот прилепски партизански одред ‘Гоце Делчев’, кои го кренаа востанието за народно ослободување носеа значки од Гоце Делчев на реверите и капите, а борците од бригадата ‘Гоце Делчев’ учествуваа во ослободувањето на Штип и Тетово. И чествувањето на Гоце Делчев треба да обединува исто како што обединуваше Гоце Делчев како водач на македонското револуционерно дело“,
наведува Заев.
Тој потсетува дека неговите мошти беа свечено пренесени од Софија во црквата „Св. Спас“ откако неговите другари оставија аманет до следните поколенија „светите мошти да бидат погребани во главниот град на независна Македонија“.