Мицкоски воедно сподели дека пред вечерашната прес-конференција го побарал Арбен Таравари, на кого му честитал за денешните избори и му посакал успех на парламентарните и иднина во власта
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција повика на сенародно обединување на изборите на 8 мај против, како што рече, оние кои се најодговорни за страдањата и криминалот во Македонија – ДУИ и СДСМ.

„Народ се излеа и пораката е јасна – Македонија не се плаши и се враќа во рацете на народот. Целиот народ, ние со вас, наспроти стотина трговци од ДУИ и СДСМ кои се причина за криминалот и страдањата во Македонија. Македонија покажа дека е посилна од криминалот и корупцијата и дека народот е определен“,
рече Мицкоски меѓу другото, цитирајќи го поранешниот претседател на САД, Роналд Реган дека „Ѕвоната ѕвонат за татковината“.
Мицкоски воедно сподели во својот говор дека пред прес-конференцијата го побарал Арбен Таравари, на кого му честитал за денешните избори и му посакал успех на парламентарните и иднина во власта.
„Пред прес-конференцијата се слушнав со албанската опозиција, со господинот Арбен Таравари, на кој му честитав и му посакав успешни избори и во влада. Македонија ќе ги мобилизира сите капацитети. Време е да си ја вратиме оваа Македонија и да испишиме нова деценија. Да не дозволиме ДУИ во вториот круг да направи добар резултат и затоа ве повикувам да излезете да гласаме за Македонија за да биде повторно горда и да биде повторно ваша“,
рече Мицкоски од партиската говорница.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ била потценета партија пред изборите.
„Ветив дека ќе победиме со најмалку 100 000, а победуваме со повеќе од 170 000 гласови. Многу работи зборувавме дека ќе се случат, не ни веруваа, нѐ потценуваа, мислеа дека си имаат работа со мали деца. Најлошо е кога ќе потцениш човек, но ние благодарение на народот покажавме и докажавме дека Македонија ја има и ќе ја има уште многу долго време. Ветував многу работи и сите работи се случија. Нѐ напаѓаа и одвнатре, ни се закануваа, се обидуваа да нѐ делат, да ја делат Македонија, да го делат народот. Користеа структури од минатото на ВМРО-ДПМНЕ да нѐ напаѓаат, но ние издржавме затоа што верувавме и затоа што народот на Македонија беше со нас“,
порача Мицкоски.
Тој ѝ честита на Гордана Силјановска-Давкова, за која нема сомнеж дека ќе биде идна претседателка и потенцира дека бројките покажувале оти власта сигурно паѓа. Воедно, Мицкоски посочи дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција освоиле најмногу гласови досега.
„Цунамито се крена и виси над глава, а на 8 мај ќе ги потопи целосно. Имаме обврска да им ги срушиме сите идеи за калкулации и предавство, сите нивни понижувања кои ги прават особено изминативе денови. Ова е револуција на народот на Македонија. Но работата не е завршена, а власта не е ни најмалку наивна. Првиот круг е жолтиот картон, а конечниот, црвениот, е потребен на 8 мај против оваа криминална и корумпирана власт“,
рече Мицкоски.
На политичките неистомисленици им порача дека нема да им се одмаздуваат, а дека единствено ќе одговараат сите кои се огрешиле пред законот со своите криминални дејствија.