Од републичкото Јавно обвинителство најавија дека во 13 часот претседателот на комисијата, јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, ќе ги соопшти сумираните информации од јавните обвинителства низ државата за досегашниот тек на изборниот процес. Половина час порано со изјава ќе излезе и Министерството за внатрешни работи
Привремената комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија континуирано го следи текот на изборниот процес во првиот круг од претседателските избори, соопштија претпладнево оттаму.

Комисијата е формирана со цел да го следи текот на изборите во врска со евентуални кривични дела против изборите и гласањето, како и други изборни нерегуларности.
Претседателот на привремената комисија е јавниот обвинител Џељаљ Бајрами.
Како што најавија од републичкото Јавно обвинителство, тој денеска во 13 часот преку изјава за медиумите ќе извести за информациите сумирани од јавните обвинителства низ државата за досегашниот тек на гласањето и евентуални прекршувања на изборниот процес.
Половина час претходно, односно во 12:30 часот, за текот на изборниот процес во рамките на своите надлежности за негово следење ќе информира и Министерството за внатрешни работи.

Инаку, вчера, ден пред гласањето за првиот круг од претседателските избори, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, одржаа состанок со првите луѓе на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Јавно обвинителство и претставници од обвинителствата низ државата.
На состанокот републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претставниците на обвинителствата низ државата, како што беше соопштено, информирале за формираната Комисија за изборни нерегуларности во рамки на Обвинителството. Дополнително, со министерот споделиле дека на денот на изборите ќе имаат зајакнати дежурства за следење на изборниот процес и за навремено известување за сите настани и активности од јавен интерес поврзани со спроведувањето на изборите.
Денеска, еден час и 15 минути по отворањето на избирачките места на кои граѓаните имаа можност да го дадат својот глас за својот фаворит на седмите по ред претседателски избори во државата, техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за медиумите рече дека до тој момент безбедносната состојба е стабилна и нема никакви нарушувања на изборниот процес.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со екипираноста на Министерството за внатрешни работи за текот на изборниот процес, министерот изјави дека МВР постапува согласно планот утврден во рамките на Оперативниот штаб и сè тече како што треба.