Министерот за внатрешни работи побарал од претставниците на овие институции да споделат информации од својот делокруг од интерес за спроведувањето на изборите, како и начинот на кој овие институции ќе постапуваат на изборниот ден
На еден ден пред гласањето за првиот круг од претседателските избори, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер во МВР, Митко Бојмацалиев, одржале состанок со првите луѓе на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Јавно обвинителство и претставници од обвинителствата низ државата.

Тошковски побарал од претставниците на овие институции да споделат информации од својот делокруг од интерес за спроведувањето на изборите, како и начинот на кој овие институции ќе постапуваат на изборниот ден.
„Од страна на директорот на БЈБ (Сашо Тасевски) беа презентирани информации во врска со оперативната акција ‘Претседателски и парламентарни избори 2024 година’ и во таа насока посочи дека од страна на оперативниот штаб и сите надлежни организациски единици се преземени сите потребни мерки и активности врз основа на претходно изготвен план и притоа не се констатирани никакви позначајни проблеми“,
информира министерот за внатрешни работи.

Директорот на Агенцијата за национална безбедност Зарко Милошевски информирал дека се преземаат мерки за прибирање сознанија за евентуални изборни нерегуларности во насока на безбедно спроведување на изборите.
Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски и претставниците на обвинителствата низ државата информирале за формираната Комисија за изборни нерегуларности во рамки на Обвинителството. Дополнително, со министерот споделиле дека на денот на изборите ќе имаат зајакнати дежурства за следење на изборниот процес и за навремено известување за сите настани и активности од јавен интерес поврзани со спроведувањето на изборите.