„Малкумина се граѓани од прв ред, тука пред сè мислам на неколкумина од Демократската унија за интеграција и малкумина измеќари во раководството на СДСМ, сите останати имаат чувство дека се граѓани од втор ред во Македонија изминативе шест и пол години. Тоа мора да престане, но мора истовремено по 8 мај да има и одговорност за сето она што се случи во изминатите шест и половина, седум години“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи денеска на новинарски прашања во Охрид, од каде што партијата вечерва со митинг ќе ја почне кампањата за парламентaрните избори
Сакаме да водиме позитивна кампања која ќе ја врати надежта кај граѓаните, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Охрид, додавајќи дека токму надежта е она што недостасува во Македонија.

Мицкоски денеска заедно со градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков беше на увид на градежните активности на три локации во градот, каде што вечерва со митинг ВМРО-ДПМНЕ ќе ја почне изборната кампања за парламентарните избори закажани за 8 мај.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговарајќи на новинарско прашање, каква кампања очекува, рече дека тоа ќе биде кампања на проекти, надеж и враќање на довербата во институциите по, како што додаде, шест и пол години урнисување, многу криминал, грабеж, понижувања и осиромашувања.
„Сакаме да водиме кампања со којашто на граѓаните ќе им ја вратиме надежта. Цениме дека надежта недостасува. Малкумина се граѓани од прв ред, тука пред сè мислам на неколкумина од Демократската унија за интеграција и малкумина измеќари во раководството на СДСМ, сите останати имаат чувство дека се граѓани од втор ред во Македонија изминативе шест и пол години. Тоа мора да престане, но мора истовремено после 8 мај да има и одговорност за сето она што се случи во изминатите шест и половина, седум години. Така што мотивирани сме, желни сме да покажеме, да го оставиме срцето на теренот за интересот на граѓаните и Македонија“,
рече Мицкоски.
Тој беше прашан и за најважните инфраструктурни проекти од нивната програма „Платформа 1198“, за кои рече дека се планирани повеќе од две милијарди евра. Како особено значајни ги наведе проектот за реалоцирање на средства од буџетот кон општините, завршување на незавршените автопати, како Кичево – Охрид и проекти поврзани со железничката инфраструктура.
„Повеќе од две милијарди евра се планирани да се инвестираат во инфраструктурата. Тука е оној проект којшто е многу значен, а тоа се реалоцирање средства од буџетот кон општините во вредност од 250 милиони евра годишно или за еден четиригодишен мандат тоа би било точно една милијарда евра. Ги повикувам општините не само онаму каде што имаме градоначалници коишто доаѓаат од редот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, туку и оние општини каде што има градоначалници од СДСМ, од ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, но и независни градоначалници, да прават проекти“,
рече Мицкоски.
Првиот оглас за тоа, како што додаде, ќе биде објавен наесен, откако претходно во јули ќе има ребаланс на буџетот.
Мицкоски изјави дека нема да бидат влада која ќе ги дели граѓаните, како што тоа го правела досегашната, и дека не се сите политичари исти.
Рече дека не ветуваат чуда, оти според него чуда не постојат, а она што го содржи нивната изборна програма ценат дека може да се реализира.
„Еден од приоритетите е конечно завршување на автопатот Кичево – Охрид. Според нашата анализа, тоа би било некаде околу 2026 година, втората половина на 2026 година, реализација на тековните автопати Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола, многу други проекти поврзани со локалната инфраструктура, железничката инфраструктура, возови и вагони итн, нешто што е дел од од програмата „Платформа 1 198“. Цениме дека сето тоа што е таму содржано е возможно да се реализира и ќе го реализираме. Чуда не ветувавме, ние не сме чудотворци, чуда се невозможни, сите оние коишто ветуваат чуда не ја говорат вистината“,
рече Мицкоски.
Прашан во врска со неговата реторика со која ги поистоветува СДСМ и ДУИ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека станува збор за исто тело и дека СДСМ во изминативе две недели од претседателската кампања не кажала ниту еден лош збор за работењето на ДУИ.
„Што не е случај обратно. Демократската унија за интеграција ја критикува работата на СДСМ, така што, како можам да судам, што може друго да кажам освен тоа дека тие практично не се ништо повеќе од едни обични измеќари на Демократската унија за интеграција“,
рече Мицкоски.