Според Рама, ова е историски чекор на Парламентарното собрание на Советот на Европа за прифаќање на Косово како членка на заедницата на земји на Советот на Европа
Албанскиот премиер Еди Рама реагираше по одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа да го отвори патот за членство на Косово. Рама на својот фејсбук-профил, честитајќи му на Косово, додава дека во мај мора да се запечати ова членство, без кое „на европскиот мозаик на Советот на Европа му недостига непобитен и незаменлив камен“.
Според Рама, ова е историски чекор на Парламентарното собрание на Советот на Европа за прифаќање на Косово како членка на заедницата на земји на Советот на Европа.
„Благодарност до сите пријатели и партнери во Парламентарното собрание што нè поддржаа во преземањето на овој праведен чекор, кој му го даде на Косово она што го заслужи“,
пишува Рама на Фејсбук.
Освен Рама, реакција имаше и шефот на албанската држава Бајрам Бегај кој, поздравувајќи ја одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа, вели „сега се очекува само конечниот чекор во мај, кој го означува моментот кој вреди да се прослави.
„Ја поздравувам одлуката на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Им благодарам на сите оние кои работеа и го поддржаа барањето на Косово за членство во Советот на Европа. Сега се очекува само последниот чекор во мај, кој воедно го означува и заслужениот момент за славење“,
напиша Бегај на својот фејсбук-профил.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) вчера со двотретинско мнозинство го усвои извештајот на грчката пратеничка Дора Бакојани, со кој се препорачува Косово да биде покането да стане членка на оваа организација, чија главна мисија е заштита на човековите права и развој на демократијата.
За извештајот гласаа 131 пратеник од 171 присутен, „против“ се изјаснија 29, а „воздржани“ беа 11 пратеници.
По усвојувањето на извештајот, Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) сега треба да го испрати предлогот за прием на Косово до Комитетот на министри за надворешни работи, кој треба да ја донесе конечната одлука со двотретинско мнозинство на состанокот кој треба да се одржи на 16 и 17 мај во Стразбур.
ПССЕ го повика Комитетот на министри да донесе одлука за членство на Косово во организацијата без предрасуди во однос на позициите на поединечните земји членки во однос на државноста на Косово.
Премиерот на Косово, Албин Курти, изрази оптимизам дека одлуката на Комитетот на министри ќе биде позитивна.
Инаку, Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права, демократија и владеење на правото во Европа, со седиште во Стразбур, Франција. Основана е во 1949 година.